Македонија
9. August 2024 - 16:33

Нема одлука за соработка со унгарски „4iG“, условите за операторите се строги

Нема одлука дали и во која форма „4iG“ ќе соработува со Македонија – министерството за транспорт објаснува дека ако има оглас за трет мобилен оператор ќе има услов компанијата да биде од Европската унија и НАТО и да не користи спорна технологија. 

„Сакаме да информираме дека се уште нема одлука дали и во која форма телекомуникацискта компанија 4iG ќе соработува со Македонија. Ако се распише оглас за трет мобилен оператор, еден од условите ќе биде операторот да потекнува од земја членка на ЕУ и НАТО и истиот да не користи кинеска, руска или друга технологија туку одобрена технологија од НАТО“, велат за Сител од министерството за транспорт.

„4iG“ е стратешки партнер со кинеската „Хуавеј“. Ова може да биде „камен за сопнување“ при евентуален влез на македонскиот пазар оти земјава пред 3 години донесе законски измени со кои се предвидува операторите да набавуваат опрема само од проверени и кредибилни добавувачи. 

Македонија, заедно со повеќе европски држави, е дел од иницијативата предводена од САД со која се забранува инсталирање опрема на гиганти како „Хуавеј“ поради сомнеж дека податоците на граѓаните, неовластено завршуваат кај кинеската власт.

Став побаравме и од амерканската амбасада во земјава.

„Соединетите Американски Држави и Северна Македонија ја споделуваат целта за заштита на комуникациските мрежи од прекини и манипулации и заеднички потпишаа Меморандум за разбирање за безбедноста на 5Г во 2020 година како дел од тие напори. Веруваме дека владата ќе продолжи да го штити интегритетот на мрежата, да избегнува недоверливи добавувачи на хардвер и софтвер и да обезбедува безбеден и етички 5Г екосистем во Северна Македонија“, ни одговорија оттаму.

За ова, преку ФБ, се огласи и поранешниот министер за економија, Крешник Бектеши.

„Компанијата 4iG, со која нелегитимната Влада разговара за нов мобилен оператор, има блиска соработка со кинеската Huawei за нов cloud за собирање податоци. Ова е спротивно на интересите на нашите стратешки партнери, како и за критичната инфраструктура во земјата“, напиша тој.

Веста за влез на трет мобилен оператор го разбранува и регионот. 

„Орбан и Унгарците навлегуваат сè подлабоко на Балканот: главната улога во се ја има неговата омилена компанија“ – пишуваат медиумите.

Иако 4iG важи за приватна компанија, унгарските медиуми во неколку наврати пишуваа за поврзаноста на компанијата со Виктор Орбан, нарекувајќи ја негова омилена компанија. Директ36 вели дека „4iG“, добила затскриена државна помош за која се претпоставува дека тежи околу 190 милиони евра.

„Има малку компании во Унгарија кои добија толку голема државна поддршка и директно внимание од премиерот во последните години. Резултатот е дека 4iG, која претходно беше просечна унгарска ИТ компанија, за кусо време стана една од најголемите корпорации во земјава со упориште во неколку балкански земји“ - Директ36.ху.

„4iG“ влезе на телекомуникацискиот пазар на Западен Балкан во 2022 година, добивајќи силни позиции во Црна Гора и Албанија. Според официјалните податоци, има над 8 илјади вработени.