Пакетот законски измени неопходни за Safe City испратени до Собранието
Пакет од шест закони кои се неопходни за да профункционира сисмот Safe City се испратени во Собранието. Засега не е познато кои точно законски измени се испратени до Законодавниот дом, но собраниски извори велат дека во моментот се работи на нив, па дополнително ќе бидат објавени за јавноста.
Извори од МВР претходно за Сител кажаа дека потребни се измени на пет закони – Законот за прекршоци, за безбедност во сообраќајот на патиштата, за извршување санкции, за возила и Кривичниот законик. Од нив измените во Законот за безбедност во сообраќајот се веќе донесени, а измените во Законот за прекршоци се во процедура и се гласаат со двотретинско мнозинство.
Собранието до Нова година ќе мора да ги донесе овие законски измени за МВР да може во рок и официјално да го пушти системот Safe City, иако министерот Тошковски веќе кажа дека е можно негово пролонгирање за еден месец, со цел системот да биде комплетно подготвен, но и граѓаните да бидат информирани што точно ќе значи за нив.
Уште во тест период, некои граѓани го гледаат Safe City како спорен. На електронската пошта на Уставниот суд доставена е претставка за поведување постапки. Во неа спорни се пет точки кои главно се однесуваат на начинот на испраќање на опомените, или казните кога системот ќе профункционира. Односно, тоа што МВР решило да собира телефонски броеви од возачите и казните да ги праќа преку СМС пораки.
Но, претставката која е поднесена на електронската адреса не е официјална бидејќи не се испочитувани правилата за тоа како се поднесува иницијатива.
- Иницијатива на мејл не може да се третира како иницијатива. Секако, ако поднесат официјално како што е предвидено со Актот, Судот тековно ќе постапи, велат од Уставен.
Во овој тест период, според известувањата од МВР, системот регистрира четири вида на прекрошоци – брзо возење, поминување на црвено, истечени сообраќајни и недозволено запирање и паркирање. Меѓутоа, во сите статистики кои ги испрати МВР досега изостануваат податоци за недозволено запирање и паркирање. Според најавите, во наредната фаза, опсегот на прекршоци кои системот ќе ги регистрира ќе биде поголем, но засега без детали што се ќе следат камерите.
-
Даниел Василев
Сите содржини од овој новинар
