Македонија
5. December 2025 - 16:34

Радев: Впишувањето на Бугарите во Уставот на Македонија ќе го забрза нејзиниот пат кон ЕУ

Ако Република Северна Македонија ги впише Бугарите во Уставот, тоа значително ќе го забрза нејзиниот пат кон Европската унија. Ова го истакнал бугарскиот претседател Румен Радев на синоќешната средба со претставници на бугарските здруженија од земјава, информираат од кабинетот на Радев.. 

„Се надевам дека нашиот југозападен сосед, тоа ќе го стори што е можно поскоро, за да ја отвори вратата кон преговори за полноправно членство“, изјавил Радев.

Во соопштението од неговиот кабинет пишуваат дека Радев посочил дека секоја демократска држава има должност да ги штити правата на сите свои граѓани и да го гарантира нивното право на самоопределување. Бугарскиот претседател, уште изразил надеж дека властите во Скопје што е можно побрзо ќе го реализираат ветувањето од 2022 година за вклучување на Бугарите во Уставот. 

„Сите се надеваме интеграцијата на РСМ што е можно поскоро да се случи, но, тоа не може да биде на сметка на правата на бугарската заедница во земјата“, наведува Радев.

Според Радев, токму Бугарите во земјава, први го поставиле прашањето за гаранација на нивните права, а како што наведува бугарскиот претседател, тоа денес е заедничка кауза не само на официјална Софија, туку и на Европската унија.. 

Премиерот Мицкоски, вчера на брифинг со новинарите рече дека Владата нема да прифати процес кој ќе отвори простор за нови условувања и затоа се потребни гаранции од Европската унија. 

- И утре да ги внесеме Бугарите во Устав, прашање е само дали за 3,6 или 9 месеци ќе имаме нов услов, кажа Мицкоски.