Loading Video...
Македонија
9. August 2024 - 21:24

„Вреди“ се откажа од рокот - Уставните измени за 6 месеци до формирање на политичка влада во Бугарија

Алабанскиот владин коалциски партнер и официјално се откажа од предизборниот рок да се донесат уставните измени поврзани со барањата на Бугарија за напредок во преговорите со ЕУ во рок од 6 месеци. Од коалицијата „Вреди“ велат дека се’ зависи од политичката стабилност во Бугарија.

 „Имајќи предвид состојбата во република Бугарија сметам дека има простор во координација со меѓународниот фактор да се пролонгира рокот. Моментално имаме состојба во друга земја која од аспект на владеење на извршната власт не е стабилна. Не може да обвинуваме за нешто за кое втората странка битна во процесот нема стабилна Влада или нема човек со кого мое да се преговара на конкретната тема. Не зависи од Северна Македонија туку зависи од локални политики во соседната Бугарија“, изјави Фари Хисени, портпарол на „Вреди“. 

Ваквиот став на Вреди оди во насока и на ставот на ВМРО-ДПМНЕ да не се отвара Уставот се додека не се седне однов на маса со Бугарија, како и да се издејствува во Брисел одложена важност на уставните измени од влезот на државата во Унијата.

За опозициската СДСМ ваквото однесување на Вреди и ВМРО-ДПМНЕ за уставните измени е очекувано.

Во меѓувреме во Софија никако да се формира стабилна политичка влада. По последните неуспешни обиди, претседателот Румен Радев денеска најави нови избори заа крајот на октомври. Откако досегашниот технички премиер Главчев вчера си поднесе оставка, оваа функција Радев ја довери на Горица Гранчарова – Кожарева.

„Ви ја доверувам задачата да формирате кабинет. Во Уставот не е наведен јасен рок, но со оглед на состојбите и консултациите со политичките партии, сметам дека најпогоден датум за нови предвремени парламентарни избори е 20 октомври. Во таа насока најдоцна до 19 август треба да го презентирате составот на кабинетот'', изјави Радев.

Изборите во октомври ќе бидат седми по ред парламентарни избори во време од три години.

Бугарските политички аналитичари што ги контактиравме пак, велат дека навистина процесот е закочен. Ситуацијата е статус кво, и наликува на две магариња на мост, велат тие. Иако бугарските политиколози велат дека мали се шансите за промена на позициите на официјална Софија и по изборите, сепак велат дека процесот може да добие на динамика само со нова политичка влада.