Македонија
13. August 2021 - 16:38

Како денеска се живее во Радуша - едно од местата каде се водеа најжестоките битки?

20 години од потпишувањето на Рамковниот договор-  кој во тоа време значеше војна или мир. 20 години подоцна како живеат жителите на скопското село Радуша. Кои се нивните проблеми и што е она што им е потребно?

Љубопитни лица не пречекаа на сред село. Но откако се претставивме, чичко Фаик и Адис прифатија да не водат низ селото и да ни ги кажат нивните проблеми. Како и речиси сите села низ Македонија, најголемиот проблем е иселувањето. Половина од мештаните сега се во Германија. Адис ни рече, имаме и Радуша 2, се наоѓа во Берлин, а втор јазик во селото покрај албанскиот е германскиот. Иако сите негови другари се таму и добивал покани да работи во Германија тој не сака да ја напушти Македонија. Завршил факултет, работел во фирми во Скопје, а сега ја држи чајџилницата на сред село.

-Македонија – мислам дека животот е малку полесен. Таму животот е како да си робот, само работа, работа, работа..., а тука ми е земјата каде што сум роден. Јас не можам да одам таму. Не ми е за пари, немам многу пари ама тука сакам да работам, да живеам и да умрам на крај, вели Адис Рамадани.

Чичко Адис, пензиониран учител во селското школо сведочи, 20 години подоцна ситуацијата е полоша од претходно.

-До кога беше рудникот во форма се живееше добро во Радуша. И тоа време веќе нема да се врати. Сега е многу потешко живеењето. Да не се луѓето од Радуша што се во странство, тука е мртво се, вели Фаик.

Најголем проблем е патот. Нема дупки, но е многу тесен, па на некои места две возила многу тешко се разминуваат. Иако Радуша се води како скопско село, ниту еден градски автобус не оди до таму.

-Тие што имаат коли им е малку полесно. Меѓутоа, ние што немаме... Администрацијата ни е во Скопје, во Сарај. Докторите се во Скопје. Така што, се снаоѓаме со некои комбиња, вели Фаик.

Кога работел рудникот имале и амбуланта која работела 24 часа. Оттогаш имаат само еден доктор, за кого велат дека работи само неколку часа дневно, па често се принудени да одат во Скопје. Чичко Фаик вели има заинтересираност за вакцинација против Ковид, но имунизирано е само мал дел од селото бидејќи и тимовите за теренска вакцинација се уште не ги посетиле.

-Би било добро да дојде екипа од Здравствен дом и претходно да ја извести месната заедница дека тој и тој ден ќе биде вакцинацијата. И тогаш мислам дека ќе има, вели Фаик.

Дека селото е празно најмногу се чувствува во училиштето. Мештаните се горди на него. Велат, ова е можеби и најголемото во Сарај, а тука доаѓаат да учат и деца од другите села.

-Бројот на учениците кога јас сум бил вработен. Сме имале над 630 ученици, меѓутоа, сега е под 200, вели Фаик.

Кај Радуша се водеа најжестоките битки во конфликтот во 2001-та. Како резултат на тоа, 30-тина македонски семејства го напуштија селото и никогаш не се вратија назад. Тие и денес го немаат решено станбениот статус и поради тоа се уште живеат под кирија.