Македонија
8. May 2017 - 14:49

Јункер ја предупредува Турција да не воведува смртна казна

Повторното воведување на смртната казна во Турција ќе значи крај на процесот на преговори за членство на земјата во Европската Унија, изјави претседателот на Европската Комисија, Жан-Клод Јункер во интервју за германски „Рајнише Пост".

- Доколку воведувањето смртна казна се покаже нешто повеќе од обична реторика, тоа ќе биде еднострано откажување на Турција од европското семејство. Тоа би било еднакво на прекин на преговорите (за членство во ЕУ), бидејќи нашата заедница е заснована на почитување на демократијата, човековите права и меѓународното право. Тие вредности ја исклучуваат смртната казна, посочи Јункер.

Тој, и покрај постојните несогласувања меѓу Брисел и Анкара, изјави дека се надева на идна блиска соработка, бидејќи „судбината на Турција е тесно поврзана со ЕУ“.

По референдумот за уставни измени на 16 април, турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган рече дека „првата работа што тој ќе ја направи“ ќе биде, со премиерот Бинали Јилдирим и со претседателот на Партијата на националистичка акција, Девлет Бахчели, да го разгледаат прашањето за враќање на смртната казна.