Македонија
20. January 2025 - 16:43

Раде Трајковски-Штекли и уште осум лица од неговата група добија 30 дневен притвор за продажба на дрога

Раде Трајковски – Штекли е спроведен во затворот во Шутка. На него и на уште осум лица од неговата криминална група судија на претходна постапка им определи по 30-дена притвор. Само еден од десеттемина уапсени во завчерашната акција доби куќен притвор.

- Предлогот за определување мерка притвор против (девет лица): Р.Т., П.З., Д.Т., В.В., А.В., Д.Џ.Х., С.С., К.К. и Ф.Р, судот го прифати и им определи мерка притвор во траење од 30 дена, а поради постоење на основните од член 165 ст. 1 т. 1, 2 и 3, односно опасност од бегство, околности кои укажуваат дека може да ја попречи истрагата со влијание на сведоци и повторување на делото“, информираат од Кривичниот суд Скопје.

И додаваат дека прифатен е предлогот на обвинителството за гонење организиран криминал и корупција и притвор им е одреден на уште двајца кои се во бегство, а мерката ќе ја издржуваат кога ќе бидат пронајдени и приведени. Со кривичната пријава за производство и трговија со дрога опфатени се вкупно 14 лица од Скопје. Групата ја предводел Раде Штекли врз кого лани и во 2023-та имаше 3 обиди за ликвидација.

Според информации од истрагата за време на претресите во саботата кај приведените била пронајдена дрога, предмети поврзани со продажба на наркотични средства, пари околу 10.000 евра, пиштол, куршуми, повеќе мобилни телефони, усб кои се одземени и предадени на вештачење.