Земјоделците бараат долгорочна стратегија за поголемо производство и стабилни цени
Нова стратегија за поголемо производство во градинарството и модел по теркот на тутунот, предлагаат претставниците на земјоделските здруженија. За да се спречи трендот на напуштање на нивите неопходни се реформи кои ќе придонесат за посигурен пласман и стабилни цени, вели Ристо Велков, претседател на сојузот на синдикати на земјоделски здруженија.
Според него, за да се спречи напуштањето на земјоделските површини, потребна е планска организација на производството што ќе го намали ризикот од неуспешни сезони и ќе обезбеди поголема економска стабилност за земјоделците.
Освен климатските промени, Велков вели дека еден од клучните проблеми со кои се соочува македонското земјоделие е недостатокот од работна рака. Смета дека е неопходна посебна стратегија која ќе се фокусира на младите и ќе ги мотивира да се вратат на земјоделството.
Недостатокот на редовни и ефективни контакти со земјоделците, посебно пред почетокот на сезоната сериозно го отежнува спроведувањето на стратегиите и реформите потребни за одржлив развој во овој сектор. За земјоделците од особено значење ќе биде и сериозна база на податоци која ќе обезбеди точни информации за состојбата на земјоделските површини.
-
Зоран Ѓеоргиев
Сите содржини од овој новинар