Македонија
20. August 2021 - 16:40

Изгоре барака во населбата Пржино, сопственикот со изгореници заврши на болничко лекување

Пожар пеплоса барака во Пржино, а едно лице е повредено. Според информации на Сител, сопственикот обидувајќи се да го изгасне пожарот се здобил со изгореници на рацете и на лицето. Со возило на итната медицинска помош веднаш беше пренесен на Клиники.

Соседите сведочат дека за само неколку минути целата барака била во пламен.

Од пожарот настрада и фасадата на куќата лепенка до бараката, а штети има и уште една соседна куќа.

-Ми јавија пожар и само што дојдов ова веќе беше пепел. Значи за 7-8 минути, немаше повеќе. Чад се гледаше, црнаица. Се дигна чад, што да ти кажам. Па еве, видете. Јас тука со црево ладев, прозорците да не испукаат, ама ете ги испукаа се се. Дрвцата се запалија. Така да гледав да не прејде пламенот на таа страна, сведочи еден од соседите.

Во бараката имало и плинка боца, која за среќа пожарникарите ја забележаа и веднаш ја извадија надвор.

-Па постоеше опасност, но не беше директно изложена на пламен, туку сместена подалеку од него. Колегите ја видоа, ја тргнавме, вели командирот Борче Менковски.

Во тесната уличка едвај имаше место за да се сместат сите возила на скопската противпожарна бригада. Но нивната брза интервенција спречи поголеми материјални штети.

-Веднаш се упативме со две возила. При самото пристигнување видовме дека целата барака беше во пламен. Побаравме дополнителна помош. На интервенцијата учествуваме седум возила со 18 пожарникари. Изгоре дел од лепенката, додека големата куќа воопшто не е изгорена. Ја спасивме, го прекинавме пожарот, вели командирот Борче Менковски.

Месецов го одбележаа големи пожари ширум државата. Скопските пожарникари од почетокот на август постојано се на терен. Командантот Владимир Стојановски вели дека според нивните искуства, најголем дел од пожарите се предизвикани од човечки фактор.

-Во период од 26.07 до 16.08 на целата територија на Република Северна Македонија имало 106 пожари, а на територија на Град Скопје од први август до 15-ти август има 129 пожари. Значи на Град Скопје имало повеќе интервенции од кои 90 се на отворен простор. Но, ниеден од тие не беше вон контрола, ниту пак побарано помош од страна за Град Скопје, вели командатот на ТППЕ Скопје, Владимир Симоновски.

Бараката која настрада, сопствениците ја користеле како вежбална. Причините за пожарот засега не се познати.