Македонија
22. January 2016 - 16:15

Интензивно се гради пречистителната станица во Прилеп

Пречистителната станица во Прилеп ќе биде готова до крајот на годинава. Шестмесечното задоцнување е поради технички проблеми поврзани со изведувачот, констатира денеска министерот за животна средина Нурхан Изаири, кој во рамки на посетата на Прилеп направи увид на теренот каде што се гради овој голем објект.
 
Изаири очекува во наредниот период да се интензивираат работите.
 
- Тоа што е задоцнето, не може да се надомести. Ако се интензивираат работите, како што кажаа изведувачите, тогаш до крајот на годинава, препоставувам дека ќе ја имаме изградено станицата. Денеска сум тука да видам како се одвиваат работите и веќе од ноември се поинтензивни работите, изјави Изаири.
 
Како што објасни министерот Изаири, пречистителната станица е проект вреден речиси 25 милиони евра, од кои 80 отсто се  од европските фондови, а останатите ги плаќа државата.
 
Сашо Николоски, директор на ЈП „Водовод и канализација“ кое ги менаџира работите, вели дека паралелно со станицата се градат и 68 километри канализациона  мрежа.
 
- Веќе 23 километри канализациона мрежа во градот е изградена и тоа е првата фаза. Во тек е втората фаза на изградба на 45 километри канализациона мрежа која треба да биде готова до 2017 година. Станицата в година ќе се тестира, а целосно ќе профункионира во 2018 година. изградбата на пречистителната станица е 9,2 милиони евра, првите 23 километри од канализационата мрежа чинат 6,2 милиона евра, другите 45 километри чинат 7,6 милиони евра, вели Николоски.
 
Според прилепскиот градоначалник Марјан Ристески, станицата е еден од најголемите зафати од заштита на на животната средина не само во пелагонискиот регион, а е посебно битна за Прилеп.
 
- Пречистителната станица е од огромно значење за Прилеп, пред се, околу прочистување на водите на Градска река, за заштитата на животната средина, за комплетното средување на внатрешната и надоврешната инфраструктура во градот. Секако, чистата вода многу значи за земјоделството и производството на еколошки чисти производи, рече Ристески.