Бизнис
6. April 2016 - 12:51

ХДЗ ја повика „Тесла Моторс“ да изгради фабрика во Хрватска

Најголемата партија во владината коалиција во Хрватска, Хрватската демократска заедница (ХДЗ), преку Твитер го повика основачот на компанијата „Тесла Моторс“, Елон Маск новата фабрика за производство на автомобилите „Теска Модел 3“ да ја изгради во Хрватска. 

Како што објави загребскиот весник „Јутарни лист“, Маск планира фабриката во која ќе се произведува овој модел да ја изгради во Европа. 

- Донесете ја „Теска Моторс“ дома, во Хрватска. Никола Тесла го заслужува тоа. Имаме многу да понудиме, а „Римац Автомобили“ се веќе тука!, стои во твитот објавен на официјалниот профил на ХДЗ.

Откако компанијата минатата недела го претстави „Модел 3“, веќе доби повеќе од 280.000 нарачки, со што практично обезбеди продажба на автомобилите во вредност од 9,7 милијарда долари, уште пред да започне нивното производство. 

Бидејќи капацитетот на постоечката фабрика во САД е околу 500.000 автомобили годишно, „Тесла Моторс“ ќе има потреба од уште една, идеално место е Европа со што ќе се олесни локалната дистрибуција, наведува „Јутарњи лист“.