Македонија
5. November 2024 - 16:58

До две илјади денари заштеда од храна без ДДВ, предлага СДСМ

Лебот, млечните производи, месото се дел од 250-те категории производи за кои СДСМ бара да се продаваат без ДДВ. Пратеничката Тренчевска вели граѓаните ќе имаат бенефит, а компаниите нема да бидат оптоварени. Според математиката на опозицијата, ако се усвои ваквиот предлог, месечната заштеда ќе биде две илјади денари. 

„После еден месец се покажа дека владината мерка за замрзнување на маржите не донесе никаков резултат. Потрошувачката кошничка се намали само за 57 денари во споредба со минатито месец, во период кога просечната плата се намали за 1.000 денари“ – Јована Тренчевска, СДСМ

Од владејчката ВМРО-ДПМНЕ и денеска рекоа дека овој предлог е неприфатлив. Велат нема да реши ниту еден проблем и го оценија како несериозен.

„Напишано брзоплето, без никаков аргумент и економска логика што впрочем можеше да се види и од излагањето на колешката Тренчевска. Истите оние што ја разурнаа македонската економија и што животниот стандард на граѓаните го донесоа на дното сега со лажна грижа нудат решенија што не можат да го подобрат животот на луѓето“ – Драгана Бојковска, ВМРО-ДПМНЕ 

Лани во октомври Владата на СДСМ го зголеми ДДВ-то на над илјада производи од 5 на 10%. Образложението тогаш беше дека се луксузни или дека не се добри за здравјето, иако на долгата листа имаше и производи за секојдневна исхрана.

Сега граѓаните очекуваат пониски цени со законот за нефер трговски практики. Според најавите, првите ефекти ќе бидат видливи овој месец.