Бизнис
25. November 2016 - 17:51

Груевски: Десет нови рудници во наредните четири години

Отворање најмалку 500 директни и уште толку индиректни вработувања ќе овозможи рудникот Иловица што наредната година треба да почне со работа.

Ова го најави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски на средбата со граѓаните на општина Босилово, на која вети и реконструкција на локалните и магистралните патишта во општината, изградба на магистрален гасовод од Штип до Хамзали, а потоа поврзување со Гевгелија и Грција, реконструкција на плоштади...

- Повеќе од 10 нови рудници ќе бидат отворени следните четири години или ќе се вршат детални истражувања по што ќе почне со ископ. Доколку се реализираат тие очекувања треба да донесат нови 2.200 вработувања и повеќе стотици индиректни вработувања, рече Груевски и додаде дека ќе заживее и рудното наоѓалиште Хамзали 2 во општина Босилово.

Покрај останатите поволности што им се нудат на земјоделците, предвидено е, како што рече, отворање на земјоделски развојни зони во сите 1.650 македонски села, проект што го нема никаде во светот и што ќе ја направи земјата голема слободна економска зона.

- Со овој проект предвидено е сите села во Македонија, освен некои во Скопскиот регион кои се на пет километри помала оддалеченост од градот, во наредните пет години секој што ќе се одлучи да изгради нова фабрика или нов погон, хотел со над 20 соби, откупно-дистрибутивен центар... да склучи договор со државата со кој 10 години ќе биде целосно ослободен од плаќање персонален данок на доход, на данок на добивка, 50 отсто ослободување од плаќање придонеси за пензиско, здравствено осигурување и за вработување и ќе добие финансиски грантови од по 2.000 евра за отворање ново работно место. Доколку нема пристап до објектот ќе му се изгради, ќе биде ослободен од плаќање комуналии и за првите три години ќе има осигурување од пожар, рече Груевски.

За тоа, како што нагласи, ќе треба 80 отсто од нововработените да бидат најмалку шест месеци претходно невработени и додаде дека во рок од три години по потпишувањето на договорот треба да биде завршена инвестицијата, во спротивно привилегиите нема да важат.

- Своето производство не смее да го пренесе во ваков објект доколку има претходно фабрика и да ги префрли вработените и опремата. За тоа ќе има редовни контроли и нема да смее да се префрлаат вработени и опрема. Државата ќе дава и 10 отсто за градба на фабриката за набавка на опрема.

Ваква можност, како што додаде, нема во ниту една друга држава. – Ова што сега се нуди за развој на македонските рурални области за селата и за помалите населени места го нема никаде. Ќе биде првпат и ќе трае само пет години, посочи Груевски.

Нагласи дека во изминатите неколку години ВМРО-ДПМНЕ отворила 160.000 нови работни места и најави дека се очекува во наредните четири години да бидат отворени уште нови 70.000 работни места.

На жителите на Дабиље Груевски им вети изградба на фекална канализација кај нив и во соседното село Просениково, реконструкција на патот Дабиље – Просениково, како и целосна реконструкција на Домот за култура во Дабиље.