Македонија
23. March 2025 - 16:47

Уапсени 17 лица кои пуштале музика во 7 дневна жалост

Уапсени 17 лица кои пуштале музика во 7 дневна жалост. Во Скопје, Прилеп, Охрид и Куманово не се почитувала владината одлука, по што лицата се лишени од слобода и ќе одговараат по член 387 од Кривичниот законик, каде се предвидува и затворска казна до 3 години. Меѓу уапсените има и 2 малолетни лица, едно во Скопје и едно во Прилеп, информираат од МВР.  

Музика се пуштало и во 3 угостителски објекти, во Куманово, Скопје и Кичево. Истите се затворени, а сопствениците и менаџерите приведени, додаваат од МВР. Контролите низ цела територија продолжуваат, а целосни бројки за прекршителите, Владата ќе соопшти утре. 

Се контролираат и фирмите кои вршат превоз на патници и стока. Неправилности Државниот инспекторат за транспорт утврдил кај 11 фирми и 10 физички лица. Меѓу нив е и Дурмо турс од Гостивар, чиј автобус на 13 февруари 2019та кај Ласкарци, поради недозволена брзина и неисправност, излета од патот кај селото Ласкарци. Животот го загубија 16 лица, а 38 патници завршија со тешки телесни повреди. За несреќата беа обвинети 6 лица, кои вкупно добија 39 години затвор. Сопственикот на Дурмо Турс доби најблага казна - 4 години, а возачот на автобусот највисока – 6 години.