Големи изгледи и позитивни сигнали од ЕУ за одлука за преговори
На состанокот на постојаните претставници на земјите-членки на ЕУ, познат како КОРЕПЕР, е постигнат консензус за безусловна одлука за почеток на преговори со земјава. Има големи изгледи и позитивни сигнали од огромно мнозинство на земјите членки од ЕУ за одлука за преговори, меѓутоа дебатата не е до крај завршена.
Вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи вчера на прес-конференција рече дела постигнат е консензус во ЕУ за одлука за почнување преговори со Република Македонија – безусловна и со барање за одржување на првата меѓувладина конференција веднаш по одобрување на преговарачкaта рамка.
Позитивната вест од Брисел, како што кажа Османи, доаѓа по средбата на постојаните претставнци на земјите членки на ЕУ на која било разговарано и за проширувањето.
Истакна дека одлуката се очекува да се официјализира на 24 март од страна на министрите за Европа и за надворешни работи на Советот за општи работи (ГАК) и потоа на самитот на лидерите на ЕУ предвиден за 26 март во вид на видео-конференција.
– Ова е исклучително добра вест, не само затоа што претставува постигнување на консензус од сите 27 земји членки по сите разлики кои постоеа во последните 15 години и навистина претставува историски момент за државата. Сепак, денеска и во наредните денови треба истата и формално да се потврди, изјави Османи.
На виртуелната он-лајн прес-конференција со германскиот државен министер за Европа Михаел Рот, шефот на дипломатијата Никола Димитров рече дека има големи изгледи и позитивни сигнали од огромно мнозинство на земјите членки од ЕУ за одлука за преговори, меѓутоа дебатата не е до крај завршена.
– КОРЕПЕР не е тело што носи политички одлуки. Во моментов се уште се води дебата во ЕУ како да се одржи Советот за општи работи на 24 март, рече Димитров.
– Белгија ја „заклучи“ државата завчера и многу е тешко кој било од министрите на земјите членки да присуствуваат на Советот на 24 март во Брисел. Правниците расправаат дали е можно тоа да се изведе преку видео-врска и се надевам дека тука ќе се донесе правилна одлука. Мислам дека ЕУ ќе згреши многу ако прати сигнал дека е толку оптеретена со здравствената криза што не може ништо друго да прави. И ќе биде многу важно после волку многу работа и напор кога сме на чекор до тој зеднички успех, да се најде начин да се одржи 24 март за нас, за македонскиот народ. Мислам дека после искуствата од 2018 и 2019 година должни сме кон народот да бидеме внимателни и да чекаме да се заврши целосно работата пред да ги упатиме честитките. Изгледна е многу ситуцијата но не е до крај завршена работата во овој процес, рече Димитров на новинарско прашање да ја прокоментира изјавата на вицепремиерот Османи за добиеното зелено светло од Брисел.
На новинарско прашање дали е усогласена новата методологија меѓу земјите членки на ЕУ бидејќи некои членки како Бугарија имаат дадено свои забелешки и дали е можно да се донесе одлука за старт на преговорите без усвоена нова методологија, министерот Рот истакна дека не очекува таква блокада и оти и Берлин е фокусиран на изнаоѓање креативно решение како да се одржи состанокот на Советот за општи работи.
Рот, од своја страна порача дека на ЕУ и е потребна одлука за почеток на преговори со земјава и со Албанија, додавајќи дека е оптимист оти следната недела лидерите на членките на Унијата ќе дадат зелено светло.
– Вашата земја испиша историја и со Преспанскиот договор испрати сигнал до целиот свет, до цела Европа, дека помирувањето е можно. Вие направивте храбри чекори, го променивте вашето име и развивте добрососедски односи со Бугарија. Конфликтот меѓу Грција и Македонија можеше формално да биде решен и знам дека многу многу луѓе во вашата земја критички гледаа на тоа, па затоа Европската Унија треба да стои на своето ветување, рече Рот.
Рот нагласи дека е свесен оти ланските одлуки за одлагање на почетокот на преговарачкиот процес предизвика разочарување во земјава, но дека сепак Владата на земјава решително ги продолжи потребните реформи.
Тој истакна дека со новата методологија успеале да ги убедат и скептиците во потребата за старт на преговите и изрази надеж дека следната недела ЕУ „ќе може да испорача и во услови на корона паника“. – Ве молам за уште малку трпение и луѓето во Македонија да почуставуваат дека ЕУ е со нив, додаде Рот.
Димитров и Рот исто така порачаа дека Европа мора да покаже солидарност во борбата против коронавирусот, кој нема национален идентитет, па затоа човештвото треба заедно да се справи со него.
Рот истакна дека сите граѓани на земјава треба да знаат оти не се оставени сами во справувањето со коронавирусот. – Сега сме обвзрани на солидарност. Вирусот нема национален идентитет и човештвото треба заедно да ја намине пандемијата, при што посилните треба да им помогнат на послабите, изјави Рот.
Шефот на дипломатијата повика земјите од регионот на Западен Балкан да бидат вклуечни во сите платформи на Унијата за справување со вирусот и побара од ЕУ да ја разгледа можноста за пренасочување на средства од ИПА фондовите за справување со социо-економските последици од пандемијата.
Европската комисија вчера за МИА потврди дека е примено писмо со барање за помош за справување со кризата на коронавирусот во Македонија.
– Можеме да потврдиме дека комесарот Вархеји прими писмо од Владата на Македонија и набргу ќе одговориме. Моментно работиме интензивно да им помогнеме на нашите партнери од Западниот Балкан да се справат со коронавирусот и да им обезбедиме поддршка за ублажување на социо-економските последици од кризата, изјави за МИА Ана Писонеро, портпаролка на комесарот за проширување Оливер Вархеји.
Според информациите на МИА, Владата на Македонија вчера испратила писмо до Европската комисија во кое бара помош за ублажување на кризата, која се очекува да се влоши во наредните денови. Владата изразува задоволство што ЕУ се мобилизира на солидарен начин и се надева дека истиот пристап ќе може да се присвои и кон земјите кандидати за членство.
Европската Унија е мета на силни критики последниве денови поради тоа што не ги вклучи земјите од Западниот Балкан во мерките за помош.
Македонија нуди неколку опции за начинот на кој ЕУ би можела да и помогне на земјата да се справи со оваа кризна состојба, како на пример реалокација на одредени фондови.
Владата потсетува и дека Македонија е земја учесник во Цивилниот механизам за заштита, механизам кој овозможува итна помош во случај на катастрофи и непогоди, и предупредува дека е можно во наредниот период да и биде потребна помош преку овој механизам. Земјата, исто така, бара од Европската комисија да ја разгледа можноста да биде вклучена во механизмите за олеснување на притисокот врз малите и средни претпријатија, механизам кој е активиран за земјите членки на ЕУ.
Ново на Сител
-
Одложен е тендерот на кој ЕСМ требаше да понуди цена по која ќе му продава струја на ЕВН
-
Тема на денот со поранешните конгресмени Дејвид Хагс и Бил Флорес
-
Тошковски: 15 службеници издавале дозволи за оружје незаконито, опозицијата го обвинува дека отпушта професионалци
-
Кумашини на Ѓорчевски први ги поврзале исчезнувањата на Вања и Панче
-
Директорот на Детска обвини поединци со лажни ФБ профили за хајка против него и клиниката
-
Втор ден комисиска расправа за буџетот - За власта развоен, за опозицијата погубен
-
Заврши рокот за докомплетирање на документации: Локална самоуправа ќе открие која Општина за што добила пари
-
Претходното раководство на Пошта од централниот објект сакало да направи кабаре