Балкан
2. October 2023 - 11:57

Ѓилас: По 30 години повторно постои можност да воведат санкции против Србија

Лидерот на српската Партија за слобода и правда (ССП), Драган Ѓилас, изјави дека „луѓето од власта кои го измислиле Милан Радоичиќ ја доведоа Србија на чекор од катастрофа бидејќи постои опасност да биде прогласена за земја спонзор на тероризам, јави дописникот на МИА од Белград.

Ѓилас во интервју за весникот Нова изјави дека изборите се неопходни и дека допрва ќе се разгледа дали „проевропската опозиција“ ќе оди на претстојните избори во една или повеќе колони.

На прашањето дали очекува меѓународната заедница да и воведе санкции на Србија и на Александар Вучиќ, тој рече дека претседателот на Србија е „феномен“ бидејќи успеал во невозможното.

-Успеа да „даде сè што можеше да се даде на Косово и Метохија“ и со сето тоа давање да нè донесе чекор поблиску до изолација, санкции и воведување визи.

После 30 години повторно сме во ситуација таквата можност да постои, рече лидерот на ССП.

Тој нагласи дека „искрено се надева оти Србија повторно нема да ја плати цената што еден медиумски изманипулиран дел од граѓаните ќе гласаат за власта која ја води земјата во пропаст“.