Македонија
26. October 2024 - 16:54

Многу жени не одат на закажан скрининг за рак на дојка – Пациенти со симптоми пак чекаат со месеци за мамографија

Од 12 000 закажани во скрининг програмата дури 6000 жени не се појавиле во рендген кабинетите. Истите не го откажале терминот за да го добие друга жена. Во кабинетите за дојка, пак, каде треба да одат оние со симптоми – немаат болки или промени туку ги злоупотребуваат прашалниците за побрзо да стигнат до стручен лекар. Ова се забелешките на Националната Комисија за скрининг на рак на дојка во месецот посветен во борбата со оваа болест. 

- Можеби ќе треба да се сменат некои законски одредби. Но пациенти кои имаат закажан термин а не го откажале е малтене веќе да треба да биде со надомест. Има 25 проценти од жениете кои не доаѓаат на закажан преглед во кабинетите за дојка и 50 проценти кои не се појавуваат на закажан скрининг, вели проф. д-р Светлана Темелковска – специјалист радиолог

Но дали сите пропусти се само кај оние кои не се појавуваат на закажан термин? Жени реагираат дека и покрај направен скрининг од два до три месеци чекаат да го добијат резултатот а матични пак не можат да добијат термин за пациентки со промени на дојките. 

- Ако ние зборуваме за скрининг и превенција, кој скрининг имате ако од 1 јули добиваат термин за ноември. Не е тоа дека некој злоупотребува и фаќа термини, тоа се пациенти оперирани од рак, пациенти со промени со суспектна форма, вели д-р Драган Ѓорѓиевски, претседател на Здружение на лекари по општа и семејна медицина

- Ако има клинички симптоми треба во рок од две недели да може да закаже. Се уште Управата за електронско здравство работи на таа доградба, вели д-р Темелковска.

- Секако треба државата да излезе во пресрет за што е можно побрзо набавка на овој пакс систем и дигитално поврзување на мамографите за снимката да биде во риал тајм, видена во центрите кај што имаме читање, вели д-р Елена Ристеска, национален координатор на програмата за скрининг и рана детекција на малигни болести

И додека жени научат што значи ред и почитување на термин а здравствените власти да овозможат вистинска рана дијагноза, кај оваа малигна болест крајниот резултат доаѓа од Патологија. Од 5 до десет работни дена пациентките добиваат резултат. Проблемот е што специјалноста е дефицитарна и има малку патолози. 

- Се трудиме да ја актуелизираме нашата специјалност и да им кажеме на студентите дека е нмогу битна во дијагностиката. Во моментот имаме 5 специјализанти кај нас на Институтот, вели проф. д-р Магдалена Богданоска Тодоровска од Институт за Патологија. 

И покрај сите проблеми и дилеми, раната дијагноза е многу важна и затоа свесноста треба да биде на големо ниво.