Македонија
25. October 2024 - 16:53

Муртезани: Неодбивањето на предлогот за одложено дејство на Фор дер Лајен остава простор за решение

Македонската влада нема да испрати писмо до европските челници за да ги пренесе своите ставови за интеграциите. По бројните средби на премиерот и министрите со функционери на Унијата и посетата на шефицата на ЕК на Скопје сите пораки биле пренесени, вели министреот за европски прашања Орхан Муртезани кој ја презентираше реформската агенда која веќе е одобрена од ЕК. 

Формалната позиција на ЕУ е иста и нема промени – условот за уставни измени останува и без тоа нема да се премине во следна фаза. Но неодбивањето на предлогот на Мицкоски за уставни измени со одложено дејство од страна на Фон дер Лајен остава простор за оптимизам и потенцијално решение, вели Муртезани.

Според него, Македонија е најподготвена во регионот за членство во Унијата и по почнување на отворање на поглавјата , процесот би можел да заврши за две години.

Како дел од планот за откочување на интеграциите, македонската влада инсистирала да не се дозволи билатерализација на процесот , по евентуално носење на уставните измени, за што имало расположение во владината коалиција. 

По посетата на Фон Дер Лајен и пораките кои ги испрати, од СДСМ ја повикуваат владата на одговорно однесување, да не ги толкуваат туку спроведуваат пораките во интерес на граѓаните. 

И покрај одвојувањето на Албанија , Муртезани вели мора да бидеме оптимисти за процесот. Дополнително што и Унијата ќе одвои 750 милиони евра за планот за раст во следните три години е доказ дека имаме поддршка за спроведување на реформите. Според него, најголем проблем ќе биде екипирањето на кадар кој треба да биде вклучен во реформскиот процес. Но вели дека ќе делел црвени картони на сите колеги министри кои нема навреме да ја завршат работата. А токму од тоа ќе зависи и дали и колку европски пари ќе се слеат во буџетската каса. Според планираното, до крајот на годинава треба да бидат исплатени првите 52 милиони евра, а последната исплата на парите треба да биде исплатена до декември 2027-ма.  Условите се јасни, ако ги спороведеме реформите, парите ќе бдат исплатени, а ќе бидат наменети за буџетска поддршка, грантови и заеми.