Македонија
25. October 2024 - 21:11

Комисијата нема да почнува разговори од почеток, историчарите подетално ќе разговараат во Софија

За разлика од вчера кога само се запознавале бугарските историчари со новиот состав од македонска страна, денеска отвориле поконкретни теми.

Претставувањето на Охридската Архиепископија од 11-от век било тема на дискусија меѓу историчарите. Копретседавачот на бугарската комисија вели со новиот состав на македонската комисија не може од почеток да се почнуваат разговори за историските теми и вели доколку има волја ќе се најде заеднички јазик со колегите од Скопје. 

Македонските историчари за разлика од Бугарските ниту вчера ниту денеска не излегоа пред јавноста, попладнево испратија само кусо соопштение дека средбата поминала во позитивен дух и конструктивна атмосфера .

На средбата се дискутираше за принципите за работа како и за протоколарни и процедурално- технички прашања за работата на Комисијата. Комисијата работеше и на усогласување на Записниците од претходните средби, а стана збор и за препораките за македонските учебници за VII одделение, се наведува во соопштението од претседателот на Комисијата, проф. д-р Ванчо Ѓорѓиев.

По овие средби аналитичарите не очекуваат дека може забрзано да се одвива процесот во иднина особено затоа што Бугарија се наоѓа пред избор на нова Влада. Без политичка волја од двете страни комисијата може да тапка во место. 

Арсовски не очекува дека би се отворале нови прашања или би се почнал процесот од почетокот бидејќи методологијата по која работат зависи од униформен консензус кој треба да го постигнат  двете страни. 
Следната средба на историчарите  ќе биде во декември во Софија. До сега Комисијата усвои препораки за заедничко чествување на пет историски личности- Св. Кирил и Методиј, Св. Наум Охридски, Св. Климент Охридски и Цар Самоил.