Македонија
25. October 2024 - 16:52

Ленин Јовановски во Белград разговарал за донација на автобуси на Скопје

 

Директорот на „Слобода превоз“, Ленин Јовановски, во Белград разговарал за можна донација на автобуси за Скопје. Во изјава за Сител, Јовановски вели формално не е поднесено барање, но било дискутирано одреден број автобуси кои нема да сообраќаат низ српската престолнина, да се пратат во Македонија. Иако не е сигурен дали тоа ќе се случи, Јовановски се надева дека овие автобуси ќе завршат во гаражите на ЈСП. Вели секој што му мисли добро на градот, нема да се противи на овој чекор.

„Писмено барање или некакво формално не, меѓутоа е разговарано за да се најде начин како да се помогне. Еве, кога веќе прават промена на возниот парк да може некаков интерес да најдеме и ние како град Скопје, како приватни превозници и нека бидат и тие автобуси, ако завршат како донација, на Јавното сообраќајно претпријатие. Покомплицирано е таа донација да заврши во приватни раце од повеќе правни аспекти, меѓутоа не е невозможно. Намерата, онака како што е пренесена од српските медиуми е точна“ – Ленин Јовановски, Директор на „Слобода превоз“

Во меѓувреме, Јовановски планира да се врати во приватниот градски превоз. Најави набавка на стотина автобуси. Дел од нив ќе бидат нови, а дел половни, но не постари од 6 години. За проектот рече дека имал сериозен партнер од странство. Од друга страна, кажа дека изработува студија за реорганизација на превозот, со цел, како што рече, граѓаните да добијат поквалитетни услуги.

Веста дека Белград планира донација на автобуси во Скопје, но и други градови низ Македонија ја објавија српските медиуми, повикувајќи се на извори од управата на ГСП. 

Сител уште вчера испрати прашања до Градот Скопје, но оттаму не одговорија ништо. Денеска оттаму испратија соопштение во кое меѓудругото велат:

„Се потврдува информацијата пласирана во јавноста во изминатите денови од лице блиско до руските структури во земјава и истовремено блиско до ВМРО-ДПМНЕ, на кое пред две години му беше оневозможено да врши дејност во Скопје поради сомнеж за финансиски малверзации, кое изјави дека планира со 100 автобуси да отпочне повторно со вршење на оваа дејност. Дали со оваа донација од Белград се подготвува ова лице, блиско до ВМРО-ДПМНЕ и руските безбедносни служби, повторно да влезе во дејноста со јавен превоз и со помош на ВМРО-ДПМНЕ да го приватизира ЈСП“, пишуваат од Град Скопје.

Состојбата со јавниот превоз во Скопје се влошува во последните две години. На ЈСП му недостасуваат голем број автобуси, таблите на постојките на кои пишува за колку време ќе дојде автобус не се точни, па граѓаните се жалат дека се случува да чекаат и повеќе од еден час.