Герасимовски: Донесовме рекорден буџет за 2025 година, дури 45 проценти предвидени за капитални проекти
Советот на Општина Центар на 43. седница со 18 гласа „за“, два „воздржани“ и ниеден „против“, го усвои буџетот за 2025 година. Проектираниот основен буџет е рекорден, со вкупна сума од 1.086.250.000 денари. Од овој износ, дури 45 проценти се наменети за капитални проекти, додека преостанатите 55 проценти ќе се користат за тековно и оперативно функционирање на општината, информираат од локалната самоуправа и велат дека одлуката на Советот ја поздравил и градоначалникот Горан Герасимовски.
- Сакам да се заблагодарам на советниците и на администрацијата на општината за успешната реализација на многуте квалитетни проекти во текот на оваа година, во интерес на граѓаните. Со програмата и буџетот за следната година, верувам дека ќе имаме уште поголем број проекти што заедно ќе ги реализираме. Благодарност и за поддршката и гласовите што Советот ги даде за новиот буџет за 2025 година за да можеме да креираме буџет што ќе одговори на потребите на сите наши сограѓани, изјавил Герасимовски.
Од општина Центар посочуваат дека буџетот за наредната година е развоен, реален и транспарентен, а приоритетните капитални проекти се: финализирање на реконструкцијата на спортската сала „Работнички“, изградба на нова општинска зграда со подземен паркинг, реконструкција на улиците во локалитетот Тасино Чешмиче, во населбата Капиштец и во реонот на Дебар Маало, реконструкција на улицата „50 Дивизија“, пренамена на улицата ,,Мирослав Крлежа" во пешачка зона и модернизација на јавното осветлување со воведување ЛЕД технологија и примена на современи техники за управување и надзор.
Во областа на образованието, додаваат, обезбедени се средства за реконструкција на училиштата, набавка на униформи за учениците, информатичка опрема, како и за инсталирање фотоволтаични системи на три детски градинки. Во делот на животната средина, акцентот е ставен на набавка на мерни сензори за бучава, мобилни уреди и мапирање на бучавата, а планирани се средства и за санација и поставување урбана опрема, реконструкција на игралишта, паркови и зелени површини.
Како што нагласуваат, во сегментот социјална заштита обезбедени се средства за новиот проект „итно копче“ за помош во итни ситуации за повозрасни лица и пакет услуги за деца и жени жртви на насилство, како и превенција од дроги и зависности. Во програмата за култура, на барање на советниците додаден е проектот ,,Прошетка со граѓаните за запознавање на знаменитости на Центар“.
Во делот на спортот, пак, обезбедено е финансирање на КК ,,Работнички" и организација на натпревари во рамките на Лига Центар, со цел да се поттикне спортската активност и да се создадат услови за развој на младите спортисти.
- Во буџетот се предвидуваат финансии и за одржување на постојната инфраструктура, сервисирање тековни потреби на граѓаните и редовните проекти од сите сфери кои се покажаа како успешни, меѓу нив: сервис за стари лица, еднократна помош за новороденчиња и социјално загрозени семејства, стипендии за талентирани ученици и ученици од семејства во социјален ризик, Феникс награда, награди за најдобрите наставници и негувателки, како и обезбедување средства за хигиена и тековно – оперативни трошоци во градинките и основните училишта во Општина Центар, прецизираат од локалната самоуправа.
Ново на Сител
-
Oхрид атрактивен за туристите
-
Во Прилеп пред празниците се одржува Новогодишниот базар
-
Бизнис секторот оценува дека 2025 ќе биде успешна година за македонското стопанство
-
Во 2024-та во Штип купени 270 станови, некои и по цена за 1380 евра за м2
-
Преглед на вестите од светот
-
Мајмунски сипаници во Косово - Мали се шансите за пренес во Македонија
-
Тема на денот со Злате Мехмедовиќ
-
Тошковски изненаден што нема притвор за екс директорот на ЕСМ