Македонија
28. December 2024 - 16:28

Во 2024-та во Штип купени 270 станови, некои и по цена за 1380 евра за м2

Расте побарувачката за стамбен простор во Штип. Во текот на 2024 година продадени се вклупно 270 станови во згради за колективно домување.

-Од нив, 135 се нови станови и според договорите цената на новите станови се движи од 800 евра за метар квадратен до највисоката од 1380 евра за метар квадратен. По сите основи, од сите имоти, од данок напромет општината има инкасирано  1 250 000 евра, изјави Драган Каров, даночно одделение, ЛС- Штип.

За разлика од претходните години кога станови купуваа и граѓани од Турција, годинава во главно се работи за домашни инвеститори, поточно, локални купувачи. Во моментот во градба се околу 200 станови, кои догодина треба да се евидентираат во даночното одделение. За изградба на куќи, општината додели 10 градежни парцели во приградската населба Три Чешми.

-Бидејќи се покажа дека граѓаните, јавноста, има интерес да инвестираат во овој дел од градот, ние како општина, веќе и во самата програма за отуѓување на градежно земјиште имаме предвидено отуѓување и на други градежни парцели за оваа намена кои се наоѓаат во истиот плански опфат, изјави Лазар Хаџи Николов, одделение за урбанизам, ЧЛС- Штип.

Втора локација на која граѓаните ќе можат да градат куќи за индивидуално домување е помеѓу населбите Сењак и Баби.

-Во Програмата за финансирање на изработка на урбанистички планови за 2025 година, која е веќе донесена од страна на Советото на општината, се предвидени вкупно 44 изработки на плански решенија, додаде Николов.

Дел од нив се финасирани од страна на заинтересирани приватни инвеститори, а остатокот од буџетот на општината.