Македонија
11. August 2018 - 13:51

Гавровска Лукиќ: Професијата медицинска сестра да биде заштитена и респектирана

Подолг временски период се намалува бројот на медицински сестри на работните места, се создава суфицитарен кадар со отворање на многу средни медицински школи, платите подолго време не се зголемени, нема степенување во платите, нема мотивација, а условите во кои тие работат не се секаде исти.

Ова пред почетокот на редовното годишно Собрание на Комората на здравствени работници на Република Македонија го истакна претседателот на Националното здружение на медицински сестри, техничари и акушерки, Велка Гавровска Лукиќ, која рече дека медицинските сестри заминуваат во странство да работат поради ниските плати во земјава. 

Мора професијата да биде заштитена и респектирана, посочи таа и додаде дека многу сестри заминале во приватното здравство. 

Таа потенцира дека бараат да имаат тело кое ќе ја регулира и контролира нивната професија.

- Мора да се знае кои се компетенциите, тоа мора да се определи. Не може сите да работат исто и исто да бидат платени. Не може да не се признае неформалното образование кај сестри, мислам на постари сестри кои се специјализирани во одредена група и се ментори на работното место на помладите сестри. Мора да бидат мотивирани и наградени. Предложивме измени во Законот за здравтвена заштита. Најавено е дека во 2019 година ќе има измени во каталогот на занимања...додаде Гавровска Лукиќ.

Претседателот на Комората на здравствени работници, Борис Георгиевски рече дека обезбедувањето квалитет на здравствените услуги, подобрување на континуираната едукација на своите кадри, обезбедувањето квалитетна лиценца и лиценцирање на своите кадри во и надвор од Македонија, како и усогласување на законските обврски се приоритет во натамошните активности на Комората на здравствени работници на Република Македонија.

Посочи дека во рамки на редовното годишно Собрание на Комората ќе биде избран нов претседател на таа институција, извршен и надзорен одбор и одбор на честа.

Македонското здравство, посочи, после сите падови и успеси секогаш е во дел од предизвикот да обезбеди квалитетна здравствена заштита за сите. 

- Ова е редовен состанок на кој ќе разговараме за идните перспективи за сите кадри кои припаѓаат на оваа Комора. Тука се медицинските сестри, акушерки, медицинските лаборанти, физиотерапевтите, фармацевтските и забните техничари...Комората брои повеќе од 10.000 членови и има направено многу напори освен јавните овластувања кои Министерството за здравство да ги префрли во делот на стручните испити и издавањето лиценца на Комората за разлика од Лекарската, Фармацевтската и Стоматолошката комора кои тоа право го имаат, додаде Георгиевски.