Македонија
6. јуни 2024 - 16:31

Фондот нема доволно пари за пензии, дупката ја полни државата

Државата продолжува да ја полни „дупката“ во фондот за пензиско, покажува новиот ревизорски извештај. И покрај поголемите приходи во 2022-та, Фондот има недостаток на средства, кои се покриваат со пари од Буџетот и учествуваат со над 33 % во вкупните приходи на ФПИОМ. Од нив, дури 22% се за исплата на пензии.

Ревизија потсетува на законската обврска на Фондот да ги усогласува пензиите со трошоците за живот и порастот на платите.

„Оваа обврска на Фондот во наредниот период ќе предизвика зголемување на износот кој ќе треба годишно да го исплати кон корисниците на пензиски примања, со оглед на тоа што светската економија е зафатена од засилени инфлаторни движења, предизвикани од тековната војна во Украина, енергетската криза која предизвика големо зголемување на цената на енергијата, како и внатрешни фактори кои доведуваат до пораст на цените“.

Долгорочен фактор се и демографските движења. Според проекциите, процентот на младо и работоспободно население ќе се намалува, а на повозрасно ќе се зголемува.

„Имајќи предвид дека најголем дел од овие лица ќе остварат право на пензиски примања односно вкупниот број на пензионери се очекува да забележи пораст на околу 390 илјади лица во 2030 година, за успешно сервисирање на овие обврски на Фондот ќе биде потребно зголемување на изворите на приходи кои ги остварува Фондот“.

Неизвесна е надлежноста на Фондот за наплата на неплатените придонеси до 2008-ма кои веќе се застарени.

„Фондот има покренато иницијатива во насока на промена на третманот на придонесите и истите да имаат карактер на средства за лична потрошувачка, а нивната наплата да не застарува, но по истото не е постапено“.

Ненаплатените давачки се водат како избришани оти фирмите затвориле или прогласиле стечај. На овој начин касата на ФПИОМ останува покуса за близу 4 милиони денари, а според прогнозите на ревизорите сумата ќе расте поради останатите долгови кои исто така ќе бидат избришани.