Македонија
14. December 2017 - 9:03

Филипов: Изјавата на Нимиц охрабрувачка, но решението бара консензус во двете земји

Изјавата на амбасадорот Метју Нимиц, дадена по средбата со преговарачите на Македонија и на Грција се разликува од сите досегашни, имајќи ја предвид прецизната временска рамка која беше спомната од него, односно дека тој проблем „може и би требало или треба да биде решен” следната година. Сепак, колку и да е одредена, таа во себе содржи извесна резерва, зашто содржи услов, оценува во изјава за МИА амбасадорот Ѓорѓи Филипов.

- Се разбира дека таа е охрабрувачка, атмосферата е навистина многу подобра од состојбата што беше во последните три години и навистина постојат индикации дека со правење „интензивни напори” во следните неколку месеци може да се реши тој проблем, што е актуелен „многу години”. Прашање што постојано се поставува е: дали навистина од двете страни ќе се направат интензивни напори за да се дојде до решение имајќи го предвид консензусот на сите релевантни политички сили до кој мора да дојдат владејачките партии во секоја од земјите, особено ако се опстои на предлогот тој да „мине” и на референдум, вели Филипов.

Што се однесува до разните предлози околу евентуалното „ново име”, што би се употребувало место референцата ”Поранешна југословенска Република Македонија”, амбасадорот Филипов се оградува од коментар зашто досега, посочува, ниту грчки, ниту македонски официјални претставници на власта не спомнале таков предлог. Сепак, нагласува, каков и да е предлог на маса за него треба да има издржано објаснение. 

- Како коментар би додал дека зборот „нова”, веќе го имаме во првиот дневен весник на македонски јазик, „Нова Македонија”, и во химната на Република Македонија, каде се спомнува „ново сонце на слободата”. Таму тие се користат во поинаков контекст, кој симболизира нешто „ново”, што „расчистува со старото”, кое Македонците ги ставало во подредена положба или дури не се ни спомнувале. Оттаму се додадени „нова” држава, „ново” сонце, кое ќе грее слободно во слободна сопствена држава во рамки на ФНР Југославија… Денес состојбата е различна од онаа 1944-та и 1945-та и доколку е вистина дека на маса е таков предлог за него треба да се најде издржано објаснение, смета Филипов.

Тој е дециден дека притоа, во јазикот и меѓународно усвоените ознаки, македонски (Мацедониан), „МК“, односно „МКД“ за земјата, означувањето на националноста т.е. етничката припадност („Македонец, Македонка”, Мацедониан) треба безусловно да останат.

- Очекувам да постојат и други предлози, но не сум убеден потполно дека тие ќе резултираат со решавање на проблемот во дадената временска рамка. Се разбира дека ние само нагаѓаме, не сме вклучени во разговоите и не знаеме реално до каде се стасало со усогласувањата на ставовите, така што можни се сите опции, истакнува амбасадорот Ѓорѓи Филипов во изјавата за МИА.