Македонија
17. July 2024 - 16:46

Евакуација на Огражден

Состојбата со пожарот на планината Огражден станува алармантна. И покрај неколкудневните интервенции и од земја и од воздух пламените јазици продолжуваат да ја голтат шумата. За сериозноста на пожарот сведочи изјавата на градоначалникот на Ново Село кој преку социјалните мрежи информираше дека тој заедно со пожарникарите, ловџии и неколку жители од околните села извесен период останаа опколени од огнената стихија во радиус од околу 500 метри. 

Благодарение на брзата интервенција сите поажрникари и цивилите кои се најдоа во огнениот обрач  се безбедно евакуирани со еден од словенечките хеликоптери. 

Градоначалникот на Ново Село претпладнево изрази сомнеж дека пожарите на Огражден се подметнуваат намерно. Во прилог на неговите сомнежи одат и изјавите на припадниците на бугарските национални шуми и граничната полиција кои сведочат за лице со мотор што го забележале на критичните места.

Освен на македонско бугарската граница денеска два различни пожари  избувна и на границата со Грција  поради што граничниот премин Богородица беше затворен па повторно отворен за сообраќај и по кратко време повторно затворен. Вториот пожар е на околу три километри од границата но поради превентивни причини до неговото целосно ликвидирање преминот останува затворен, а сообраќајот продолжува преку Дојран.