Бизнис
13. March 2017 - 11:59

ЕСМ може да го замени ММФ во грчката програма за помош по 2018 година

Европскиот стабилизациски механизам (ЕСМ) може да го замени Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) по завршувањето на грчката програма за помош во 2018 година, пишува грчкиот весник „Имерисија“.

Според весникот, постои „план Б“ за Грција, според кој, тоа треба да се случи до мај, а дотогаш ЕСМ треба од ММФ да ги откупи заемите во износ од 12 милијарди евра.

Како што јави дописникот на МИА од Атина, грчките аналитичари сметаат дека согласно истиот план, ММФ треба да се вклучи во тековната грчка програма, со тоа што ќе и даде на Грција „симболичен капитал до шест милијарди евра“ за да може да и се олесни на Германија, која досега беше против такво намалување на грчкиот долг , но сега се соочува со избори.

Во оваа фаза ќе се бара и можност да биде обезбедена гаранција дека во замена за тоа учество ќе има опција за ММФ, со која Фондот повторно ќе може да го откупи долгот од ЕСМ во рамките на среднорочните мерки за грчкиот долг по 2018 година.

Грчкиот премиер Алексис Ципрас во врска со планот, телефонски побарал и поддршка од шефицата на ММФ Кристин Лагард за олеснување на грчкиот долг.

Во исто време, Лагард во изјава за весникот „Паризиен“ потврди дека ММФ стои на своето барање за реструктуирање на грчкиот долг и оти прави обиди во тоа да ги убеди и европските лидери.