Македонија
29. јуни 2016 - 19:43

Едно лице осомничено дека пукало во човекот пронајден мртов во бунар во Добрашане

Едно лице е осомничено дека пукало во човекот чие тело е пронајдено во бунар во село Добрашане, а на кое била видлива прострелна рана на десната слепоочница.

Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство – Куманово изврши увид на место во близина на црквата „Света Мина“ во село Добрашане, каде во бунар кој се наоѓа во борова шума е пронајдено безживотно тело, соопшти обвинителството.

Во координација со Министерството за внатрешни работи, нуркачи го извадиле телото на кое била видлива прострелна рана на десната слепоочница. На местото се пронајдени траги од крв и една чаура, се наведува во соопштението.

Лицето е идентификувано и се водело како исчезнато неколку дена. Надлежниот јавен обвинител издаде наредба за обдукција на починатото лице, како и наредба за вештачење на материјалните траги пронајдени на местото на настанот.

За случајот е осомничено едно лице, кое е задржано во полициска станица, а нареден е претрес на неговиот дом.