Македонија
8. September 2016 - 18:52

„Џипси Меџик“ на Столе Попов награден од публиката на Меѓународниот фестивал во Нанси

Филмот „Џипси меџик“ на македонскиот режисер Столе Попов, ја освои публиката на Меѓународниот филмски фестивал во Нанси – Франција, каде при прикажувањето доживеа вистински триумф, јави дописникот на МИА.

По гласањето на публиката и според бројот на гледачите на двете проекции, „Џипси Меџик“ ја освои наградата „COUP DE COEUR DU PUBLIC“. Филмот беше прикажан како избор на почесниот гостин на фестивалот Мики Манојловиќ, на кого му беше доделена награда за целокупното негово актерско дело.

„Џипси Маџик“ беше прикажан во престижната селекција на Фестивалот „Под ѕвездите“, по чие прикажување Манојловиќ долго одговараше на прашањата на публиката. Инаку, ова беше по прв пат, публиката да го избере за неа „најдобриот“ филм од девтте филмови прикажани во ова селекција, кои се прикажуваа под овторено небо на времената кино сала во дворот на поранешната фабрика за цигари, сега претворена во културен центар и во најреномираното кино во Нанси и Франција „Камео“.

За ова долгометражно остварување се наведува дека „примарниот впечаток е дека во овој филм е направен обид да се прикаже вистинската положба на Ромите, кај кои материјалната беда стои веднаш наспроти психолошката слобода којашто треба да го претставува нивното вистинско богатство. По овој модел режисерот настојува таа содржина на филмот да ја направи што поуниверзална. Номадскиот менталитет, манифестирањето на исконската човечка потреба за трагање, опиеноста со животот и носталгичната жед по него, би требало да бидат суштинската естетска порака на овој филм.“

Во овој филм бојата има доминантно психолошки карактер, бидејќи таа – оваа своја вредност ја поседува и во нивното секојдневно живеење, што убаво, и над сè, функционално, го забележал и го реконструирал снимателот на овој филм Апостол Трпески.

Централната личност е собирачот и откупувач на стари предмети Таип, во толкување на Мики Манојловиќ. Наспроти него е неговата сопруга Ремзија која ја игра Катина Иванова. И двајцата тоа го реализираат со чудесно впечатлива актерска методологија, бидејќи од почеток е јасно дека желбата на Таип да го одведе своето многучлено семејство во Индија, е еден имагинарен порив, еден недофатлив сон.

Како прилог кон филмот е и невоoбичаено функционалната музичка придружба на Влатко Стефановски, а мораме да ја нагласиме и успешната соработка врз визуелната надградба на филмот на монтажерот Димитар Грбевски и, се разбира, целата актерска екипа составена делумно од професионални актери, а делумно од натуршчици. Меѓу нив се и: Тони Михајловски, Антони Заки, Данчо Чевревски, итн…

Инаку, режисерот Столе Попов со овој свој филм дефинитивно се афирмира како еден од најдобрите претставници на македонската кинематографија, што беше потврдено во Нанси, каде филмот ја имаше својата прва праизведба во Европа во новата ремастеризирана верзија во дигитална форма, за која преводот на титловите на француски јазик го направи Меѓународниот филмски фестивал од Нанси, а филмот беше прикажан со голема помош и поддршка од страна на режисерот Столе Попов, Кинотеката на Македонија и Агенцијата за филм на Македонија.