Македонија
30. April 2024 - 16:33

Штрајк од први јуни ако не им се исполнат барањата: Вработените во ФЗОМ одржаа предупредувачки протест

Предупредувачки протест на вработените во Фондот за здравство. Бараат усогласување на платите со растот на минималецот, утврдување бод за пресметка на плата и итно разрешување на Управниот одбор. Ако не им се исполнат барањата од први јуни повторно може да ги заклучат вратите на сите подрачни служби како пред три месеца.

Доколку ова не се случи до 15 мај, ние ќе започнеме секој ден, во сите градови во Република Македонија, по еден до два часа да имаме предупредувачки протести. Отсега најавуваме дека на 01.06 доколку не е решено прашањето стапуваме во генерален штрајк“ – Бранко Аџигогов, претседател на синдикатот на ФЗО

Синдикатите тврдат дека Управниот одбор наместо да си ја работи својата работа, законското усоласување на платите за околу 2.400 денари и носењето на вредносниот бод ги оставиле за после избори, кога ќе се формира нова влада. Но, ова за вработените е голем проблем бидејќи бодот истекува на крајот на мај, па како не се продолжи, сите ќе останат без плата.

Не знаеме за што ќе работиме. Толку е. Таков е нашиот закон, така се пресметува платата. Значи, до 31.05 знаеме за што работиме, од 01.06 – нула. Без плата“– Бранко Аџигогов, претседател на синдикатот на ФЗО

На протестот, заедно со вработените во Фондот, присутен беше и првиот човек на УПОЗ. Побара слух од надлежните за да не трпат граѓаните.

Да ја повикам Владата на чело со техничкиот премиер Талат Џафери, раководството на ФЗО и сепак овој управен одбор додека не го разрешат, ако го разрешат, да си го загреат столчето. Ги повикувам сите одговорни, да не дозволиме овие вработени да ги затворат вратите. Бидејќи, ако ги затворат вратите, ќе патат само граѓаните на Република Македонија“– Трпе Деаноски, претседател на УПОЗ

Истиот состав на Управниот одбор лани изгласал усогласување, а сега членовите не им дале ниту образложение на синдикатите зошто нема одлука, ниту за ова, ниту за бодот.

Вработените во Фондот за здравство три дена штрајкуваа и во февруари и ги работеа само итните случаи. Штрајкот беше ставен во мирување откако падна договор бодот за пресметка на плата да остане ист до крајот на мај.

Во ФЗОМ работат над 830 лица.