Мицкоски во јавните настапи ќе користи „Македонија“ и „македонски“
Со користење „Македонија“ и „македонски“ не се крши Преспанскиот договор, тврди идниот мандатар за состав на новата Влада. Мицкоски вели дека тој и претседателката Силјановска Давкова ќе ги користат овие два термина во јавните настапи, а македонските институции ќе комуницираат согласно Преспанскиот договор за кој вели дека е реалност.
-За разлика од таму Преспанскиот договор тука е дел од македонските институции, дел од македонскиот Устав и закони. Многу пати во минатото сме кажале дека тоа е реалност. Комуникацијата внатре во институциите и самите институции остануваат согласно законите и Уставот, но мое основно човеково право е како јас мојата држава ќе ја нарекувам. И додека давам изјави и кога се обраќам кон вас новинарите и јас, а очекувам и тоа да биде начин на однесување на претседателката Силјановска, да се користат името „Македонија“ и придавката „македонски“, рече Мицкоски.
Според Мицкоски, доколку Атина има проблем тогаш аргументите можат да се соочат во Меѓународниот суд на правдата. Вели дека сака добрососедски односи меѓу Македонија и Грција и дека двете држави треба да работат на економска соработка. Ги повика грчките бизнисмени да инвестираат тука, а нашите во Грција.
-Да престанеме со закани со опструкции, да престанеме со враќање назад во минатото, да гледаме во иднината. Ова се документи коишто се дел од правото. Ако тие мислат дека сме го прекршиле Преспанскиот договор тогаш постои Меѓународен суд за правда. Можат да отпочнат процес и таму ќе ги вкрстиме едните и другите аргументи. Јас не би сакал до тоа да дојде, рече Мицкоски.
Свечената заклетва на претседателката Силјановска Давкова во која таа ја избегна придавката „северна“ предизвика низа реакции, како дома, така и надвор. Грчката амбасадорка во државата ја напушти дипломатската галерија во македонското Собрание.
-
Даниел Василев
Сите содржини од овој новинар
