Дуото Солозобова - Броневецки вечерва на „Охридско лето“
Програмата на 55-то издание на „Охридско лето“ продолжува со музичкиот дел, преку вечерашниот концерт на дуото Марија Солозобова на виолина и Бранислав Броневецки на пијано што ќе се одржи во катедралната црква „Света Софија“.
Солозобова и Броневецки ќе изведат дела од Брамс, Чајковски, Сен-Санс.
Марија Солозобова (Русија, Швајцарија) е една од највпечатливите виолинистки на својата генерација. Нејзината кариера е во постојан подем. Активно настапува во некои од најпрестижните сали во светот како „Викторија хол“ во Женева, „Тонхале“ во Цирих, „Концертхаус“ во Виена, Големата сала на Конзерваториумот „Чајковски“ во Москва и други, каде што соработувала со голем број еминентни диригенти, меѓу кои Владимир Спиваков, Михаи Танг, Владимир Федосејев, Дејвид Зинман и многу други.
Нејзиното свирење го опишуваат како комбинација од виртуозна моќ, креативна спонтаност и елеганција. Репертоарот на Солозобова е разновиден и опфаќа дела од времето на барокот, класицизмот и на романтизмот, па сè до дела пишувани во XX и во XXI век. Почнувајќи од 2007 година, Солозобова има издадено неколку компактни дискови, со значајни дела од виолинистичката литература. Добитник е на повеќе награди на интернационални натпревари.
Владик Броневецки (Шпанија) својата концертна активност ја започнува многу рано. Настапува низ Русија, а соработува и со некои од најпознатите руски оркестри. Дипломира на конзерваториумот „Чајковски“ во Москва, каде што се здобива со награда за најдобар студент што ја доделува оваа установа. Неговата „префинета техника“ и „суптилна интерпретација“ ретко видени дотогаш, го носат на некои од најзначајните фестивали и концертни сцени во светот.
Како солист, но и како камерен музичар, настапувал со голем број реномирани уметници и оркестри. Неговиот репертоар е широк и разновиден, и вклучува дела од различни музички стилови и периоди. Во моментов работи како професор по пијано во Средното музичко училиште во Каталонија.
Почетокот на концертот е од стандардниот фестивалски термин од 21 часот.
Ново на Сител
-
Преглед на вестите од светот
-
Пожар во Струга
-
Неприфатливи се барањата на компаниите за зголемување на цената на струјата
-
РЕК Битола: Стожерот на македонската енергетика исправен пред бројни предизвици
-
Обвинителството уште го чека обдукцискиот наод за 14 месечното бебе кое почина на Детска
-
Пациентите со ХИВ стравуваат дека ќе останат без терапија
-
Инфлацијата забавува, каматите паѓаат, економијата заздравува
-
Moнтеко: Совршени вина од лозови насади на 600 метри надморска височина во Кратовскиот регион