Македонија
11. March 2016 - 13:24

Домот на културата во Кисела Вода наскоро во функција

Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска и градоначалничката на Кисела Вода Билјана Беличанец-Алексиќ денеска извршија увид во градежните работи на објектот на старото кино во оваа општина, кој се реконструира и адаптира во Дом на култура. 

Реконструкцијата на објектот е во завршна фаза и се прават напори тој да биде во функција на 29 јуни, на Денот на општина Кисела Вода. 

- Кисела Вода е една од најголемите општини и заслужува да има ваков репрезентативен и мултифункционален објект кој ќе биде во интерес на сите граѓани на Кисела Вода, на културата и за локален културен развој на општината, рече Канческа-Милевска. Додаде дека ова е една капитална инвестиција која, како што рече, влезе во програмата на Владата, Министерството за култура и општина Кисела Вода. 

Министерката за култура изрази задоволство од изгледот на фасадата, од затворањето на објектот, од целосната функционалност на просторот. 

- Се заложив и ветив на овој објект да му се додели нова кино опрема, согласно проектот со Агенцијата за филм, каде набавуваме кино проектори и платна, со цел да ја добие функцијата во делот на кино салата. Граѓаните ќе можат да ја следат македонската домашна филмска продукција, која е зголемена, како и светската, рече Канческа-Милевска.

Таа истакна дека ова е успешен модел за соработка меѓу локалната и централната власт.  Најави дека и во иднина ќе продолжат со финансиска поддршка на многу значајни културни проекти во театарот, музичко-сценската дејност и кино проекцијата. Голем дел вредни книги и капитални проекти кои ги реализира Министерството за култура ќе се најдат во библиотеката во Домот на културата.

- Досега од буџетот се издвоени и префрлени околу 20 милиони денари на фирмата изведувач, која е избрана од општина Кисела Вода, рече Канческа-Милевска.

Градоначалничката Беличанец-Алексиќ информира дека Домот на културата ќе има билетарница, јавни тоалети, пацио каде ќе може да се организираат изложби, библиотека, адиминистративни канцеларии, музичка просторија, како и простории за озвучување на настаните, за костими, за сценографија, за вежбање, проби...Објектот ќе има партнерно уредување и паркинг. 

- Сцената е во должина од 10 метри, на ширина 8 метри и длабочина од 8 метри. Таа е по сите стандарди и параметри на една театарска сцена. Според проектот се предвидени 157 седишта, но постои можноста да се реализират 180 или 200 седишта, рече Беличанец-Алексиќ. 

Таа истакна дека благодарение на Владата и на Министерството за култура и пред се на заложбите на министерката Канческа-Милевска ова здание повторно ќе заживее. 

- Не само што ќе добијат жителите на општина Кисела Вода, туку ќе добијат и жителите на Град Скопје. Сите идни и новоформирани млади трупи ќе бараат простор за своите дела, независно од која област се, театар, филм, музика, ликовна уметност..., рече Беличанец-Алексиќ и додаде дека но новиот објект ќе остане канцеларијата на месната заедница, со посебен влез.