Македонија
14. January 2020 - 10:49

ДИК ќе одлучува по барањето од Чулев во врска со одлуката за назначување шеф на СВР – Скопје

Државната изборна комисија (ДИК) денеска на седница треба да одлучува по барањето на техничкиот министер за внатрешни работи Наќе Чулев за мислење во врска со одлуката за назначувањето на Ристо Ставревски за шеф на СВР – Скопје, која не беше потпишана од дополнителната заменик-министерка во МВР Славјанка Петровска.

Според Чулев, проблематизирањето на изборот на Ставревски за началник на СВР – Скопје е од политички причини и го изразува стравот на критичарите од професионално вршење на активностите.

Дополнителната заменик-министерка Славјанка Петровска вели дека таа одлучила да не ја потпишува одлуката за назначување на Ставревски за шеф на СВР – Скопје бидејќи за Ставревски имало аудиоснимки од кои можело да се чуе дека тој врши притисоци врз гласачи.

Во согласност со Законот за Влада, за одлуките на сите министри и нивните дополнителни заменици во техничката влада се потребни два потписа, односно тие имаат врзани потписи.

Во случај на несогласување меѓу министерот и дополнителниот заменик-министер во министерствата во врска со тоа дали одредено правно, финансиско и кадровско прашање се однесува на организација на изборите, ДИК е должна во рок од 24 часа да донесе одлука и да ја проследи до односното министерство. Одлуката на ДИК е конечна.

Една седмица по изборот на новата техничка влада почнаа кадровските промени, во согласност со Пржинскиот договор. Во МВР во петокот беа назначени 12 раководители и 12 дополнителни заменик-раководители на сектори и оддели, во согласност со член 44 од Законот за Влада на Република Македонија. Сепак, министерот Чулев и дополнителната заменик-министерка Петровска не се договорија за позицијата раководител на СВР – Скопје.