Македонија
7. January 2025 - 16:27

Божиќен ручек во Прилеп по 19-ти пат

По 19-ти пат во организација на Детската Амбасада за Сите Деца во Светот над 400 деца од цела Македонија се дружеа во Прилеп на традиционалниот Божикен ручек. Вредностите кои се промовираат на овој настан скоро 2 децении се: еднаквоста, љубовта, толеранцијата и мирот помеѓу децaта. Да нема дискриминација и насилна комуникација и сите заедно  да придонесеме кон градење на поубаво општество, водено од мотото „Едно небо за сите“.

„Ние се трудиме да оставиме таков впечаток да оваа традиција продолжи и на нашите поколенија. Пораката е овие деца да се дружат, да се почитуваат меѓу себе, да имаат толеранција, да си се сакаат“, вели лександра Северкоска Стојаноски, извршен директор на Детската Амбасада за Сите Деца во Светот.

Дечињата пак беа пресреќни што се дел од ваков настан.

„Навистина е прекрасно чувството да се учествува во вакво убаво нешто за добротворни цели“, рече едно од присутните деца.

„Ова ми е втор пат како идам и многу сакам да сум тука и многу сакам да се дружам со другите деца“, додаде друго дете.

„Да се дружам со другарчињата, да живеам, да си играме“, истакна негово другарче.

„Да не се караме со другарчињата, да не бидеме скарани“, вели едно дете учесник на настанот.

Божикниот Ручек го благослови Митрополитот Преспанско-Пелагониски и Администратор Австралиски и Новозеландски, Господин Петар

„Децата се нашата иднина, основата на семејството, децата се иднината и на општеството и на црквата, без деца нема општество, без деца нема црква, без деца нема иднина“, изјави Г. Петар, Митрополитот Преспанско-Пелагониски.

На сите деца локалната самоуправа им обезбеди по едно новогодишно пакетче, а годинава градоначалникот Борче Јовчески ја доби и ПЛАКЕТАТА ЗА ПРИЈАТЕЛ НА ДЕЦАТА.

„Сите дечиња се еднакво исти, ова е ден на љубовта, празник на семејството, радоста, каде топлината во својот дом ја уживаат сите семејства. Упатувам порака до сите дечиња да имаат среќно детство, да уживаат оваа година во топлината на семејството“, потенцираше Борче Јовчески, градоначалник на Прилеп.

Најпрестижното признание пак на оваа манифестација „ОРДЕН ЗА НОСИТЕЛ НА МИРОТ“ го доби една општествена одгорна компанија од Битола.