Премиерот најави три нови мерки за младите
20 проценти поевтина цена од пазарната при купување на стан за брачните двојки до 35 години, ослободување од комуналии за оние кои ќе градат сопствена куќа и привилегии за студентите со новата апликација.
Премиерот најави три проекти на 35-годишната конференција на Унијата на млади сили, со кои, како што посочи, треба да се олесни решавањето на едно од најголемите животни прашања на младите – обезбедувањето сопствен дом.
Првата мерка предвидува секоја градежна компанија што ќе гради станбена зграда да мора да одвои најмалку 10 проценти од станбените единици за млади брачни двојки до 35 години, по цена најмалку 20 проценти пониска од пазарната.
Ова ќе биде законска обврска и услов за добивање дозвола за градба, без разлика каде во државата се реализира проектот.
Втората мерка е наменета за младите кои сакаат да изградат сопствена куќа. Нема да плаќаат комуналии без разлика каде и да се одлучат да го изградат домот.
Предвидено е ослободување од плаќање комуналии на кое било место во Македонија.
Третата пак мерка се однесува на студентите, кои со новото системско решение и користење на апликацијата ќе имаат привилегии при купување на различни производи.
Младите треба да останат во државата и да ја градат иднината дома порача од говорница, лидерот на УМС, Тодор Конески.
Мицкоски најави дека започнува и кампањата Очи во очи со граѓаните.
Најави дека ќе го посети секој општински комитет за да ги слушне проблемите на граѓаните.
Денешната конференција ги собра младите приврзаници на партијата од сите градови, присутни беа министри и други фунцкионери.
-
Габриела Лескова
Сите содржини од овој новинар
