Отровен Божиќ за скопјани - Прв загаден град во Европа, трет во светот
Главниот град прв во Европа, трет во Светот по загаденоста на воздухот, кој апликацијата „IqAir“ го карактеризира како нездрав.
Според официјалните податоци од мерните станици на Министерството за животна средина, најзагадено е во Центар, но ништо подобро не е ниту во Аеродром и Карпош. Но не се гушат само скопјани. Мерните станици се во „црвено“ и во Струмица и во Куманово.
Надлежните проблем гледаат во загревањето. Премиерот Мицкоски вели, изградба на гасни централи ќе може да ја намалат емисијата не штетни честички во воздухот, но за тоа ќе бидат потребни години. Вели, жали што досега ништо не е сторено на овој план.
-Единствен начин на којшто ќе ја намалиме емисијата на штетни честички е во периодот од март до ноември да го смениме системот на затоплување на домовите. Односно, помалку фосилни горива, повеќе еколошки горива, меѓу кои и централното затоплување. За тоа да се случи потребно е да се изградат гасни централи. За да се изградат, ние работиме. Еден од инвеститорите, од овие 15-те е таков, којшто е заинтересиран да изгради гасни централи. Но за тоа ќе треба време. Најмалку две до три години додека сето тоа да профункционира. За да се изградат топловоди, можеби и повеќе. Може и 5 и 6 години, вели Мицкоски.
Од коалицискиот партнер ВРЕДИ прстот го вперуваат кон ДУИ. Велат, тие се виновни бидејќи не работеле за подобрување на животната средина. Но, според ВРЕДИ, владата сега конечно презема активности за целосна контрола врз индустриските капацитети, промовирање на еколошки извори на загревање и засилени инспекциски контроли.
-Владата за прв пат донесе „Програма против загадување на воздухот 2024-2030″. Владата веќе усвои стратешки плански документ со конкретни програмски цели и проектни пакети, кои таргетираат намалување на емисијата на цврсти честички во градовите. Дополнително, изготвен е и Акциски план за грејната сезона, кој предвидува итни и краткорочни мерки за заштита на здравјето на граѓаните и намалување на аерозагадувањето, велат од ВРЕДИ.
Пред Нова година се одржаа два протести на кои граѓаните бараа решение за загадениот воздух, кој како по обичај станува тема во јавноста само во зимските месеци кога и најмногу се чувствува.
-
Даниел Василев
Сите содржини од овој новинар