Денеска е Свети Наум Охридски – Чудотворец, исцелител и просветител на македонскиот народ
Според календарот на МПЦ (Јулијанскиот календар) денеска е 23 декември.
Денеска е Св. Наум Охридски, монах и презвитер.
Свети Наум му беше најблизок соработник на божествениот Климент, а и на светите браќа Кирил и Методиј. Со последниве тој беше заедно во нивната мисија во Моравија. Потоа некое време престојуваше во престолнината на Бугарија, Плиска, а најпосле дојде да биде учител во охридско, во времето кога Климент стана епископ. Потоа тој основа манастир на Охридско езеро, денениот Свети Наум, каде ги помина последните 10 години од животот. Мирно се успокои во Господа, како монах, во 910 година. Тој до денес не престанува да чудотвори. Посебно е познат како исцелител на душевно болни. Затоа кај нас особено лекарите-психијатри го имаат за свој заштитник.
Свети Наум Охридски – Чудотворец
Исцелител и просветител на македонскиот народ
(Именден празнуваат: Наум, Наумче, Науме, Наумка…)
Ако свети Климент Охридски остана во споменот на народот со својата просветителска дејност, со подучување на народот не само на пишување и читање, туку и на други корисни работи, свети Наум остана запаметен како чудотворец, со моќта да лекува и за време на животот и по смртта, да лекува од најразлични болести и луѓе од разни вероисповести, односно сите што искрено и со верба му се обраќале без разлика на вера и народност. Но свети Наум остана запаметен и по заштитата на манастирот, по наградувањето на оние што со добра мисла доаѓале во кругот на манастирот и казнувањето на оние што иделе со намера да направат некоја штета, да го испоганат објектот или да го навредат светителот. Култот на свети Наум зрачел на поширок простор не само во охридскиот крај, туку и во преспанскиот, па дури до Корча, каде што манастирот имал свои имоти. Но култот кон свети Наум бил раширен и во Унгарија и Романија каде што имало иселеници од овие краишта.
За животот и дејноста на свети Наум Охридски малку се знае, иако со свети Климент Охридски се најпознатите и најзначајни ученици на светите браќа Кирил и Методиј. Се знае дека учествувал во Моравската мисија, дека во Рим, кон крајот на 867 или почетокот на 868, бил посветен во духовен сан и дека по смртта на Методиј во 885 година преку Бугарија дошол во Македонија. На брегот на Охридското Езеро изградил манастир што го носи неговото име. Умрел во 910 година и наскоро по смртта бил прогласен за светец. Неговите ученици за него напишале житија и служба.
Свети Наум освен по црковната дејност е познат и како македонски средовековен писател и културен деец. Од неговите творби, за кои се претпоставува дека се повеќе, откриено е химнографското дело „Канон за аспотолот Андреј“, а се знае за уште други два канона напишани од него: „Канон на Архангел Михаил“, и „Канон за пренесување на моштите на Јован Златоуст“.
Во житието на свети Наум се вели дека тој е брат на свети Климента. Некои истражувачи сметаат дека тоа се однесува на брат во духовна смисла – собрат, но повеќемина се убедени дека Климент и Наум навистина биле родени браќа. Не само затоа што свети Климент бил епископ, а свети Наум презвитер, а во православието епископ и презвитер никогаш не се нарекувале браќа, туку и поради некои други показатели.
Иако податоци за чудотворната моќ на светителот среќаваме и во житијата за него, што без сомнение биле извор и на народните умотворби, сепак, култот на св. Наум најповеќе е одразен во преданијата раскажувани на овој простор од најстари времиња, значи, уште од времето кога светителот бил жив. Сепак, тие се бележени од средината на деветнаесеттиот век па сè до денес. Најрано ги среќаваме во зборниците на браќата Миладиновци, и Кузман Шапкарев, а подоцна и кај други собирачи на македонски народни умотворби, патеписци, или едноставно кај луѓе што престојувале или пишувале за Охрид и Охридско и посебно за манастирот кој со својата местоположба и со култот на светителот го привлекувал вниманието.
Во споменот на народот св. Наум останал како чудотворец. И во „Пастирската посланица на охридскиот патријарх г.г. Јоасаф за префрлувањето на празникот на свети Наум од 23 декември на 20 јуни (с.с.)“ се истакнува: „во светите прочуениот и во чудата безмерниот, божествениот и свет отец Наум“. На друго место во истата Посланица се вели: „Затоа секој, што поседува срдечна и добронамерна побожност кон светителот нека дојде на изворите на чудесата на светиот гроб, каде што лежат светите мошти, во неговиот свет храм, на источникот што блика исцелувања ‒ да прими благодет и светост на телото и душата, зашто чудата и благодетите на светиот и богоносен отец наш Наум ‒ чудотворец, толку се многубројни та ги надминуваат и множеството ѕвезди…“ И во „Охридскиот митрополитски кодекс“ во делот „Историски спомени за св. Климент и препод. Наум“ се споменуваат „свети и пречесни мошти, нетлено богатство и извор на исцелувања на сите кои со вера и благочестивост одат на неговиот чудотворен гроб“.
Познато е дека на гробот на свети Наум доаѓале и луѓе од други вери, особено муслиманите од Македонија и Албанија. И во писмото што попот Сотир од Љубаништа го носел во областите Подунавје и Романија каде што собирал помош за манастирот се вели: „Притоа знајте господо дека овој свет и на народот корисен манастир, спрема кој Вие го негувате Вашето почитување и верност, па дури и самите неверници достојно го почитуваат и сакаат, како што на сите Ви е познато, уверени во благонаклоноста на оваа надеж…“ Кога се вели неверници се мисли на припаднците на други вери, пред сè, на муслиманите.
Дека припадници на други вери го почитувале светителот и манастирот се зборува и во Летописот на манастирот каде што се вели: „Оваа света институција стекна голем углед и чест и кај друговерци, а особено кај Отоманите Бекташи, кои не се знае од какви причини, ова светилиште го викаат „Сари Салтик баба“ што преведено од турски значело жолтобрадиот татко. Според едно предание, еднаш кога дошле на гробот на свети Наум, неколку Турци замолиле некој од поупатените да им ги објасни ликовите од фреските. Кога тој што им ги објаснувал рекол: „Овој е свети Наум“, тие радосно извикале: „А тој е нашиот татко“.
Интересен бил и начинот на кој се молеле Бекташите (муслиманска секта). Тие кога ќе дојделе во манастирот чевлите ги оставале пред манастирската капија и до црквата се доближувале со метании. На враќање излегувале наназад секогаш свртени со лицето кон црквата и пак со метании.
Манастирот најповеќе се афирмирал како лечилиште со исцелување болни од многу болести, посебно од душевни болести. За тоа придонесло верувањето во исцелителната моќ на светите мошти на светителот. Има поголем број преданија што раскажуваат за лечење душевно болни од страна на светителот. Познато е и тоа дека во манастирот долго време постоела и душевна болница.
Во Летописот на манастирот Свети Наум се вели дека водата од изворот „Свети Атанасија“, служела за лекување на болни. „Со миење на водата од овој извор се лекувале луѓето што страдале од очни болести. Летописецот забележува дека многумина нашле спас од овој извор“. За исцелителните својства на манастирот, секако, придонесле и повеќето извори со свети води околу манастирот, што, исто така, се под влијание на светителот. Покрај споменатиот извор „Свети Атанасиј“ такви се уште и изворот од карпата непосредно до брегот на езерото, потоа изворот Најазмо, од другата страна на границата со Албанија, изворот посветен на Света Петка, итн.
Со заветувања за одредени лични или семејни неприлики, болести, сиромаштија и сл. или по нивното надминување на манастирот му биле подарувани најразлични дарови. Според книгите за впечатоци, но и според записите на свештеникот Гаврило Адамовиќ, секретар на Црковниот суд во Битола направени на денот на празникот 20 јуни/3 јули 1936 и 1937 година се нагласува дека некој бил болен и дека по молбите кон светецот оздравел поради што приложил дар на манастирот. „Бил многу болен. Се молел на свети Наум и оздравел. Приложил јагне.“ Приложуваат уште овен, теле, крава, јуница, икона со ликот на св. Наум, но и „пари и стока“, некои служат во манастирот извесен период итн. Тие што бараат помош болни се од туберколоза, болест на очите, падавица, „не можел да оди“, најчесто болеста не се споменува, некогаш се истакнува дека тешко болен по барањето помош од св. Наум оздравел за 24 часа, некогаш се нагласува дека и лекарите кренале раце од болниот, некогаш децата умираат, некогаш се молат тие што немаат деца, некои се молат поради помор на стоката, некој приложува дар поради тоа што купил куќа, дар приложува и некој што секогаш кога е во неволја се моли на св. Наум и тој секогаш му помага итн. Се молеле и тие што западнале во долгови. Тие што се молат најчесто се христијани, но и муслимани од Ресен, Охрид, Белград, Струга, Корча, Поградец во Албанија и др.
Во книгата за впечатоци посетителите во своите записи уште истакнуваат дека доаѓаат за здравје на поединецот или на целата фамилија, дека за здравје носат поклон (јагне и сл.), дека доаѓаат по јавување на светецот во сон, дека на гробот слушнале „некакво чукање“ итн. итн.
Во житијата, Службата како и во Молитва кон св. Наум се среќаваат податоци за чудата на св. Наум коишто се среќаваат и во народните преданија. На пр., во Првото словенско житие, коешто според некои показатели е пишувано од лице што лично го познавало светителот, зашто на едно место вели „оти јас знам дека повеќе од ова сториле отците и сториле многу чуда, но ова е сè што ни раскажале, а другото го сокрија од своја скромност“. Значи, нивни современик зборува за чуда случени уште додека светителите биле живи. Оттука можеме да заклучиме дека уште живи тие се прославиле со мног чуда. И во Второто словенско житие се споменува овој аспект од животот на светителот. „Бог, пак, го прослави него со големи чуда, и секакви болести и рани исцелува и бесови изгонува“. Во „Молитвата кон свети Наум Охридски исцелител на болни“ молејќи се за здравје на болниот верниците му ја напомнуваат на светителот неговата Божја дарба да лекува болни: „Сега уште ти се молиме и за слугата божји (се кажува името), кој страда од слабост и тешка болест. Ако е врзан поради свој грев, или грев на неговите родители, или грев на роднините свои, и ако поради грев го снајде оваа болест, Ти посредувај, о ангелоподобен светителе, пред престолот на Господа Кој Те прославил да му го прости гревот и од болеста да го исцели“. И во Службата за св. Наум се нагласуваат исцелувањата од моштите на светителот: „Купот на твоите мошти, прочуен Науме, извира исцеленија“, се вели на едно место, а на друго: „Му пееме на Бога, што ни даде лечилиште на душите и на телата, Наума последниот дар од Бога Седржител“.
Но споменот на свети Наум најповеќе останал во народните преданија и легенди. Во овие прозни народни умотворби народот раскажувал за сето она што го привлекувало неговото внимание, а што било во некаква врска со светителот. Така „ликот на св. Наум е еден од најзастапените ликови во македонските народни преданија и легенди“.
Собирачите и истражувачите на народните преданија и легенди за св. Наум овие народни умотворби ги групираат во неколку поглавја според нивната содржина (лекување болни, скротување ѕверови, изградба на манастирот, негова заштита итн.) иако тоа е тешко прецизно да се направи поради тоа што во некои преданија се преплетуваат по повеќе мотиви.
Во преданијата и легендите се раскажува за изборот на местото, за лекувањето на лица од страна на светителот и подарување имот на манастирот, за подарување на камбани и други дарови на манастирот, итн. Се раскажува за изборот на местото за изградба на манастирот: „Кога починал свети Наум, излегол пред Господа. Поради големото добротворство што го правел свети Наум на Земјата, Господ го одредил да биде во вечен рај. Бидејќи во небесниот рај немало толку убаво место што да одговара за свети Наум, Господ со рака покажал кон неговиот манастир, велејќи му: ʼОна е твојот рај. Ти таму ќе бидеш засекогашʼ. Ете зошто свети Наум и сега е во неговиот манастир покрај Охридското Езеро“, заклучува народниот раскажувач.
Меѓу преданијата и легендите се раскажува и за канењата за панаѓурот, за лебот што се давал пред манастирската порта, а што бил и гаранција за патниците да не бидат ограбувани од разбојниците, за тоа дека св. Наум ги благословил плуговите од Трпејца, воловите од Тушемишта, се раскажува за Охридското Езеро, за лековитиот извор, зошто во Љубаништа не паѓа град, за почитувањето на манастирот од Бекташите, од Еѓупците, за лекување на болни од страна на св. Наум и тоа од најразлични болести, (неми, слепи, луѓе што не можат да одат, душевно болни, итн.). Среќаваме и преданија со верувањето дека свети Наум е жив, односно такви во кои се раскажува за облогот дека чашата или грнето, или бокалот со вино, пуштен од прозорецот нема да се скрши, или да се истури. Тоа навистина се случило, но светецот му се јавил на сон на оној што се обложувал и го прекорил да не се обложува повеќе зашто тогаш бил близу и дошол, а ако бил подалеку можело да се случи манастирот да биде претворен во џамија или да бил одземен од страна на бегот.
Се раскажува и за повеќе диви животни што откако направиле штета светецот ги донесол на манастирскиот имот да ја одработуваат штетата. Мечката што го изела волот самата се прегнала да ора додека не се исплати изедениот вол. Кон преданието „Св. Наум и мечката“ Кузман Шапкарев додал: „Слични приказнички и преданија за св. Наумовите чудеса изобилуваат во Охрид и околината, кои јасно ги покажуваат чувствата на населението без разлика на вера и народност кои ги манифестира кон св. Наума“. Во некои преданија се работи за волк што ора на местото на волот, а во едно предание волкот што ги изел кучињата самиот дошол да го чува манастирот. А кога манастирските момци го отепале, игуменот ги прекорил зашто тој бил доведен од светецот „за да биде жив сведок за силата на свети Наум“. За преданието за свети Наумовата мечка, но и за интернационалната димензија на мотивот споредбена студија објави словенечки фолклорист Милко Матичетов. Итн.
Во овие народни умотворби се раскажува и за оживување на дете што е во безсознание, за спасен човек во авионска несреќа, за излекување на повреден Германец, за добивање рожба по десет, дванаесет или тринаесет години и по молитви пред светителот, за казнувањето на арамиите што убиле припитомена срна, за казнувањето на крадците, на тие што се мајтапеле со св. Наума, на тие што сечеле во вакафски имот, на тие што сакале нешто да земат од манастирот (бакарно табаче, манастирски маски, манастирска мачка, иконче, прибор за јадење, шише ракија, сребрена виљушка, две гуски, патка, саан итн.).
Значи, култот кон свети Наум, раширен не само околу манастирот, туку и на многу поширок простор, резултирал со бројни народни преданија и легенди. Тие се создавале во текот на вековите и сè уште се создаваат што од една страна зборува за сè уште живиот култ на светителот, а од друга страна за сè уште живата фолклорна традиција во Македонија.
Тропар
Свети Наум Охридски
Соединувајќи се со Христа, си го оставил светот; живеејќи со дух, телото си го распнал, преблажен Науме. Си се стремел како апостолите да се подвизаваш и безбројното мизијско множество во верата си го вовел. Така и нас со твоите молитви избави не од искушенија.
Преданија за Свети Наум
Св. Наум и мечката
Едно време кога орачите од св. Наумовијот манастир си орале на нивјето, им дошла една мечкаʼ та им изела еден од орачќите волоʼи. Ралото или плужницата им останала со еден вол, та не можело веќе да се орат.
Орачот со трчање дошол вʼ манастирот и му казал Егуменотому, оту мечката дошла на нива, та му го изела еднијот вол: „Сега немам, рекол орачот, со шчо да доорам нивата.“ – „Ходи си ти на нива, му рекол Егуменот; тамо ќе си го најдиш волот на плугот, фпрегнат во јаремот.“
Орачот си оʼшол на нива, кога шчо да видит? ‒ Чудо големо ‒ мечката шчо го изела волот, фпрегната била на плугот во јаремот, заедно со друѓијот вол. Орачот си доорал нивата со еднијот вол и со мечката до него, фпрегната во јаремот.
И до ден денеска тоʼа чудо стојт написано на иконата св. Наумова и на камењата на стʼрните од мостот Дримски, близу до манастирот.
(Вакви прикаски и преданија за св. Наумовите чудеса изобилува во Охрид и околината, кои јасно ги покажуваат чувствата на населението, без разлика на вера и народност, кои тоа ги манифестира кон св. Наума.)
Кузман Шапкарев
Мaнастирот Свети Наум
Овој манастир е подигнат од св. Наум Охридски чудотворец и го носи неговото име. Попознат е како манастир „Свети Наум Охридски“ иако црквата е посветена на светите архангели Михаил и Гаврил. Во житието на св. Наум се вели дека црквата била подигната на јужниот брег на Охридското Езеро и дека била посветена на светите архангели Михаил и Гаврил. Манастирот повеќепати страдал од пожари и уривање, по што пак бил обновуван. Едно време бил важен просветен центар. Во него во почетокот на 19 век се школувал и Димитрија Миладинов.
Во црквата се наоѓа и гробот на св. Наум Охридски и многу луѓе од разни вери и националности го посетуваат и бараат исцеление. Околу манастирот има повеќе свети води, Света Петка, Свети Атанасиј, Агијазмо и др.
Свети Наум – Рајско место
Кога починал Свети Наум, излегол пред Господа. Поради големото добротворство што го правел Свети Наум на земјата, Господ го одредил да биде во вечен рај. Бидејќи во небесниот рај немало толку убаво место што да одговара за Свети Наум, Господ со рака покажал кон неговиот манастир, велејќи му: „Она е твојот рај, ти таму ќе бидеш засекогаш.“ Ете зошто Свети Наум и сега е во неговиот манастир покрај Охридското Езеро.
Свети Наум и Свети Климент истовремено почнале да ги градат своите храмови
Свети Наум и Св. Климент, проповедувајќи ја, секој на едната страна од езерото Христовата наука, решиле и заедно да подигнат богомолишта и така црквата Св. Климент во Охрид и манастирот Св. Наум истовремено почнале да се градат. Ѕидарите од еднио до другио рид, на кои се подигаат овие цркви, затегнале едно јаже преку езерото и преку тоа јаже си ги додавале потребните алати. Па се договориле уште и тоа, за да се види која црква порано ќе се заврши вака да направат: кога ќе се затресе јажето, да се прекине работата на обете страни да се види колку која е готова. Црквата на Св. Климент била уште за малку готова, уште кубето да се направи, но на јажето паднале црни чавки и јажето се затресло, а ѕидарите помислиле дека тоа е даден знак и престанале да работат (затоа на Турците им било лесно да ја потурчат оваа црква, додале само минаре, а кубе немало). А кај Свети Наум уште работеле и кога довршиле чекале да им се даде знак, но знакот го немало. Утредента на јажето паднале бели гулаби и јажето се затресло, но Свети Наум уште вчера бил готов.
Како Турците го почитуваат Свети Наум
Со својата почит кон Свети Наум Турците често ги засрамуваат и правславните Христијани. Всушност Свети Наум им помага и на Турците и на Христијаните, само кога му се обраќаат за помош со искрена верба и молитва. И сега има меѓу Турците живи сведоци коишто знаат за многу случаи на чудотворната моќ на светецот меѓу нив.
Стојче Бачев бочвар од Охрид, расправа како еднаш на манастирскиот панаѓур влегле и некои Турци по него во гробницата на Свети Наум. Бидејќи го познавале го замолиле да им ги објасни ликовите на светиите во гробницата. Стојче има кажувал: овој е Свети Климент, овие се Кирил и Методија; овој е тој, овој е тој, Турците внимателно и со молчење слушале. А кога Стојче им го покажал со прст ликот на Свети Наум и им рече: „Овој е Свети Наум“, сите Турци ахнале и радосно извикале: „А, тој е нашиот татко“.
Опклада на игуменот
Се опкладиле игуменот на манастирот Св. Наум и бегот од Поградец. Игуменот му рекол на бегот, дека Свети Наум е жив. А овој пак му рекол дека не е жив и ништо не можит да сторит. Игуменот рекол:
– Да е пуштиме чашава, полна со вино, долу в езеро. Ако се истурит Св. Наум не постоит. Ќе ти го дадам манастирот и полево. Ако не, ти ќе ми го дајш твојот имот.
Кога игуменот е пуштил члашата в езеро, таја застанала над водата и не се истурила. Тогаш бегот се уплашил и вистина поверувал дека Св. Наум постоит. Целиот имот го поклонил на манастирот и цела година, на празникот одел да се поклонит на светецот.
После на игуменот, му дошол на сон Св. Наум и му рекол:
– Немој уште еднаш да се кладиш на манастиров, зашто секогаш не сум тука. Кога се кладеше и ако не бев тука, чашата ќе се истуреше и ти ќе ме потурчеше!
Од тогаш. се знајт и стаирте верват, дека Св. Наум е жив и дека постојт.
Излекување на еден луд
Поп Стефан Ѓорѓиев од Охрид го раскажува следниов настан чиј очевидец бил.
Во 1900 година, по богослужбата, неколкумина седевме под настрешницата пред манастирската црква. Во манастирот во тоа време беше еден младич Ѓорѓи од Епир. Неколку недели пред тоа го донесоа негови роднини и го оставија во манастирот Беше сосема луд и надвор од себе. По цели дни трчаше околу манастирот без починка, бладаше, зборуваше без врска, не бараше ниту примаше храна, а одеше речиси сосема гол. Додека ние седевме и разговаравме, Ѓорѓи неколку пати го заобиколи манастирот трчајќи. На нас не обрнуваше никакво внимание како воопшто да не постоевме. А ние навикнати на неговото поведение не му обрнувавме внимание. Но наеднаш застана пред нас и почна полека да ја врти главата кон врата на црквата како да гледа во некого Потоа ги истри со рацете очите и лицето, погледа кон нас и запраша: „Каде сум јас?“
Ние му одговоривме: „Во манастирот Свети Наум. Како ти е Ѓорѓи?“ Тогаш тој ни раскажа:
– Јас бев во еден голем палемен Пламенот ми одеше од појас нагоре до над глава. Целата глава ми беше во пламен. Ништо не гледав, освен тој пламен. Но етос ега дојде пред мене еден старец, како свештеник, застана пред мене и дувна во пламенот. Сега веќе нема пламен. А старецот ено поелка влезе в црква.
Потоа Ѓорѓи се погледна себеси и почна да си реди некаква крпа што му висеше по бутровите. Му донесоа облека. Тој се облече. По два-три дена го пуштија од манастирот и тој сам си отиде дома му…
Ново на Сител
-
Денот на албанската азбука – Честитки и превирања
-
ВМРО-ДМНЕ бара извинување од Апасиев по инцидентот
-
За повисок економски раст треба повеќе да се штеди, помалку да се троши
-
Зајкова бара укинување на банкарските провизии
-
Таравари и Мемеди на една страна, ДСЗИ на друга за надзорите на Детска
-
Свечена седница во Влада по повод Денот на албанската азбука
-
Меџити: Уставен суд се претвори во змеј, сите фрлаат со стрели и оган кон оваа институција
-
Борба против корупција