Македонија
25. December 2016 - 13:54

Дебар доби новогодишен лик

Со поставување на голема, убаво украсена елка во центарот на градот и соодветни светилки долж главната улица, Дебар доби новогодишен лик.

Сепак, како што велат Дебрани, најубав дел од градот е новоизграденото шеталиште со кое градот доби лик на современа урбана средина.

Украсувањето на градот го направи локалната власт. Организиран пречек на плоштад нема да има, како и до сега.

- Се обидовме Дебар да го украсиме скромно за новогодишните празници и на задоволство на децата. Целиот град е украсен толку колку што се нашите можности, а на плоштадот во центарот на градот поставивме елка, која е висока осум метри и е осветлена со разни светилки, информираат од општината.

Целта била, како што посочуваат од локалната самоуправа, градот да добие новогодишен амбиент, но да не се трошат многу финансиски средства, бидејќи со нив би се реализирал друг проект што на градот му е многу попотребен.

Убаво украсени се и витрините на трговските центри, угосителските и другите објекти, многу дворови и балкони, а новогодишната елка е составен дел од секој дом.

Освен украсувањето, предновогодишната атмосфера ја надополнува и зголемената фрекфенција на луѓе и возила, бидејќи многу печалбари од западноевропските земји, пред се од Германија и од Италија, по традиција за божикните и новогодишни празници, доаѓаат во родниот крај.