Дали тутунот е рентабилен?
Според Научниот институт за тутун од Прилеп производствената цена за еден килограм тутун чинела околу 180 денари и според нив моменталната откупна цена која ја добиваат тутунарите заедно со субвенциите била солидна и исплатлива. Како поткрепа на ова нивно тврдење велат дека оваа цена е утврдена врз основа на испитувањето за реколта 2022 година, каде сите репроматеријали и горивото биле поскапи за околу 15 до 20% за разлика од сега.
„Сметам дека со оваа цена која е постигната оваа година, а тоа е во моментот 330 денари по килограм тутун, исто така 80 денари се субвенционира бидејќи целата количина на произведен тутун се откупува во прва класа и тоа е 410 денари. При откупувањето на тутунот не се случуваат одбитоци за влага и песок, тоа би било некаде околу 20 денари зголемување на цената по тоа што не се намалуваат овие одбитоци и мислам дека цената ќе дојде до 430-440 денари“, изјави Валентина Пеливаноска, директорка на Научниот институт за тутун.
Од Институтот велат дека ниту една култура не е толку рентабилна колку тутунот. Годинава количните биле намалени поради лошите временски услови. За да тутунот не исчезне од нашите ниви во иднина потребен бил договор од сите чинители во овој сектор.
„И да ги бараме само реалните зголемувања на цените, бидејќи не може да се очекува една култура доколку една година дошло до ситуација заради одредени климатски промени да се намали драстично произвдството, да очекуваме дека цената треба да порасне за 100%“, додаде Пеливаноска.
Инаку досега се откупени само околу 6 милиони килограми или некаде половина од годинешниот род. Од Државниот земјоделски инспекторат бараат откупувачите да ги зголемат цените за побрз откуп и смеаат дека се потребни промени на Законот за тутун.
„Па има моменти во Законот за тутун кои се покажаа дека се веќе проблематични, како во класите на тутун, така и во договарањето на цени, начинот на договарање, заштита на тутунарите, нивните права преку тој актуелен Сојуз, можеби треба и друга форма, но за сето тоа треба една поширока дебата“, изјави Јане Станкоски, Директор на државен земјоделски инспекторат.
Инаку според сегашниот закон најдоцна до почеток на март треба да започне потпишување на договорите за идната реколта.
-
Дарко Штаргоски
Сите содржини од овој новинар