Македонија
15. January 2024 - 21:12

Дали и кога зелениот картон за патување во странство ќе стане задолжителен за сите?

Речиси 700 илјади возила во Македонија биле осигурани минатата година. Од нив, секое трето имало зелен картон за во странство. Според бројките кои ги објави Агенцијата за супервизија на осигурувањето, во текот на минатата година, издадени се вкупно 260.815 зелени карти. Возачите за тоа вложиле над 21 милион евра во осигурителните компании.

Одлука за тоа дали земјава и пред влезот во Европската Унијата ќе премине на европскиот модел на единствена премија за осигурување, во која ќе биде вклучен и зелениот картон, се уште нема.

Ваквата евентуална измена ќе ја поскапи регистрацијата на возилата, оти во цената ќе биде вклучено и осигурувањето од автоодговорност и износот за зелен картон.

Тоа значи дека зелен картон ќе плаќаат сите, и тие кои патуваат во странство и оние кои не излегуваат од земјава.

Надлежните најавија дека конечна одлука ќе донесат до крајот на 2023. Иако годината помина, од Министерството за финансии не откриваат каде е закочена работата. Оттаму лани последно кажаа дека со оглед на тоа што новиот модел ќе значи повисоки трошоци за граѓаните, внимателно се прават анализи.

Информациите кои кружеа во јавноста, беа во насока дека ако се донесе овој модел, зелениот картон би бил поевтин од сега. Дел од граѓаните се израдуваа, но голем дел од возачите кои не одат во странство бурно реагираа дека е нелогично некој да плаќа за нешто кое не му треба.

Во моментов зелениот картон за патнички возила до 66 киловати изнесува околу 3.700 денари годишно , додека пак за оние над 66 киловати цената е над 5.500 денари.

На месечно ниво, пак, до 66 киловати е 1.850 денари, а над тоа e околу 3 илјади денари. Со овие цени, Македонија го држи рекордот во регионот.

Србија, БиХ, Албанија, Словенија и Грција веќе се приклучија на земјите од ЕУ каде зелениот картон е интегриран во цената за регистрација на возилото.

Во Законoт за задолжително осигурување во сообраќајот пишува дека единствената премија е предвидено да почне да се применува кога земјава ќе стане полноправна членка на Европската Унија.