Балкан
19. February 2016 - 8:31

Ципрас ја обвини Чешка за „непријателски чин“ на грчко-македонската граница

Грчкиот премиер Алексис Ципрас ја опиша како „непријателски чин“ одлуката на Чешка да испрати армиски и полициски персонал кој ќе помогне во чувањето на македонско-грчката граница.

Ова го пишува „Катимерини“ повикувајќи се на свои извори, прецизирајќи дека изјавата била дадена на вчерашната среба во Брисел меѓу Ципрас и чешкиот премиер Бохуслав Соботка.

Ципрас вчера во Брисел на своите колеги од ЕУ им го претстави напредокот што Грција го постигна во врска со бегалската криза, но, исто така, ги кажа и своите приговори за ставот на некои од партнерите.

По укажувањата од почетокот на оваа недела од страна на Вишеградската четворка (Чешка, Унгарија, Полска и Словачка) дека ќе ги зајакнат граничните контроли, Австрија најави дека ќе го ограничи бројот на барања за азил што ги прима на 80 на ден. Ова предизвика Ципрас да обвини за недостиг на солидарност во справување со кризата.

- Европа не може да биде правила за некои, и „a ла карт“ за други, рече тој пред почетокот на состанокот во Брисел.

На средбата со Соботка било разговарано за ставот на Прага за ова прашање.

- Ако Грција и Турција во следните неколку недели драматично не го намалат бројот на мигранти кои доаѓаат во ЕУ, тогаш разговорите за затворање на границите на Централна Европа и обезбедување на границите на Западен Балкан ќе станат нова реалност, предупредил Соботка пред состанокот .

Покрај тоа што Ципрас ја обвини Полска за „непријателскиот чин“, тој побарал од Соботка да даде време за да се видат резултатите од најновите мерки што се донесени, вклучувајќи и присуство на НАТО во Егејското Море.