Македонија
15. May 2024 - 16:38

Без средба, само консултации за идното владино коалицирање

Експертски анализи на меѓусебните програми и буџетирање на проекти што би влегле во владината програма. Ова е тоа што го прават ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата Вреди како подготвка на тимовите да седнат на заедничка маса за кроење на идната владина коалиција. 

Иако најавена, денеска средба на работните групи од двете страни нема да има, велат од Вреди. Извори што ќе бидат дел од работните групи од редот на албанската колаиција информираат дека во моментов се прават консултации на техничко ниво, партиите разменуваат информации за проекти што треба да бидат дел од владината програма и каков буџет е потребен за нив.

Дека нема ништо ново во разговорите, велат и од ВМРО-ДПМНЕ. 

Распределбата на ресорите и кадровските решенија нема да бидат дел од првичните средби туку за нив ќе се разговара во втората фаза.

Сепак, и двете страни велат дека наредните денови треба да се очекува посуштинска дебата согласно трите постулати: евроинтеграции, забрзан економски развој и броба против криминалот и корупцијата што беа утврдени на првичната лидерска средба на Мицкоски со Меџити, Таравари, Гаши и Касами, која се одржа минатиот викенд.

Според уставните рокови Собранието треба да ја одржи конститутивната седница најдоцна до 28 мај, додека новата влада се очекува да биде формирана до средината на јуни имајќи предвид дека и ВМРО-ДПМНЕ со 58 пратеници и Вреди со 13 пратеници се подготовени за заедничка владина соработка.