Македонија
15. May 2024 - 16:38

Следната недела СДСМ ја почнува постапката за избор на ново раководство

По изборниот пораз СДСМ се подготовува за отчетен конгрес по што ќе следуваат внатрепартиските избори.

Од партијата брифираат дека следната недела ќе се одржат состаноци на раководството на СДСМ и Извршниот одбор за отпочнување на постапката за свикување отчетен Конгрес, согласно Статутот на партијата.

На отчетниот Конгрес ќе се рагледаат причините за изборниот резултат, спроведените анализи и поднесените извештаи за работењето на партијата.

Според Статутот, се очекува на отчетниот Конгрес да бидат дефинирани рокови и начин на спроведување на внатрепартиски избори. Процесот на обнова ќе биде на сите нивоа, ќе се избира претседател, негов заменик, раководство, и сите органи и тела на партијата, брифираат оттаму. 

Одржувањето на внатрепартиските избори во СДСМ го најави актуелниот лидер Димитар Ковачевски ноќта на 8 мај наместо оставка по двојниот изборен пораз на социјалдемократите. Ковачевски на внатрепартиски избори беше избран за предводник на партијата во 2021-ва и неговиот мандат според Статутот на партијата истекува на крајот на следната година. 

Според изборните резултати, Коалицијата за европска иднина предводена од СДСМ, освои 18 пратенички места со што стана трета пратеничка група во Собранието, зад коалициите предводени од ВМРО ДПМНЕ и Европски фронт.

Ден подоцна почнаа да се нижат оставките од партиските функции. Прв од потпретседателската функција на СДСМ се повлече Фатим Битиќи, а веднаш потоа и Перо Костадинов. Оставка од функцијата претседателка на Форумот на жени на СДСМ поднесе и Јованка Тренчевска, а пред пет дена и Сања Лукаревска се повлече од заменик претседателската функција во партијата.