Македонија
12. December 2024 - 17:00

ЦГК: Општините и министерствата заедно трошат над 2 милиони евра годишно за адвокати

Општините и министерствата заедно лани потрошиле повеќе од 2 милиони евра за адвокатски услуги, покажа истражувањето на Центарот за граѓански комуникации. Според анализата, општините и Градот Скопје исплатиле над 1 милион евра за адвокати.

„Од 81 единица за локална самоуправа, 72 користеле адвокатски услуги во 2023 година. На врвот по исплатениот износ кон адвокати во оваа година меѓу единиците за локална самоуправа е Градот Скопје со околу 214 илјади евра, односно 21,5% од вкупниот број. По него следуваат Општина Гази Баба, Битола, Куманово и Кичево“ – Марко Митевски, ЦГК

Според бројот на адвокати, повторно на врвот е Град Скопје со 106, а потоа следи Битола со 60.

Првиот човек на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски, вели дека верува оти неговите колеги рационално ги трошат народните пари, а тоа се покажало преку реализација на бројни проекти.

„Секоја од општините ќе треба да си даде свое мислење, свој став и оправданост за истото. Конкретно, ако земам предвид мојата општина, ние имаме точно ангажирано правен тим, тоа е тим којшто постојано се занимава, ние имаме по неколку илјади предмети на годишно ниво кои се решаваат“ – Орце Ѓорѓиевски, претседател на ЗЕЛС и градоначалник на Кисела Вода

Лани вкупно 417 адвокати ги наплатиле своите услуги од општините. Од нив, според анализата на ЦГК, најмногу наплатил адвокатот Влатко Ристовски, речиси 103 илјади евра, од кои најголемиот дел или над 100 илјади евра од Општина Гази Баба.

Од општината појаснуваат дека исплатата не е за адвокатски услуги, туку поради претходен долг кон фирма.

„Финансиските средства се исплатени на Адвокатската канцеларија врз основа на склучен договор за отстапување на побарување кој е склучен на 16.02.2022 година во кој Друштвото за градежништво, промет, транспорт и услуги “Адонис” ДООЕЛ Скопје како отстапувач, го пренесува целокупното побарување што го има спрема општина Гази Баба на Адвокат Влатко Ристовски од Скопје, како примач“, велат од општината.

Министерствата и Владата, пак, лани на адвокати им исплатиле 1 милион евра. Најмногу исплати, над 830 илјади евра има Министерството за финансии. Оваа институција ангажирала и најмногу адвокати – над 300.

Иако се трошат милионски суми, нема пишани правила како општините и министерствата ги избираат адвокатите, бидејќи адвокатските услуги не се избираат на тендер.