Македонија
18. November 2016 - 17:54

Целосно обновено музичкото училиште во Прилеп

Вкупно три милиони денари чинеше комплетната реконструкција на основното музичко училиште „Ордан Михајлоски Оцка“ во Прилеп чие заокружување денеска беше пригодно одбележано. Средствата ги обезбеди Општината, а, како што соопшти градоначалникот Марјан Ристески, обновата се случува првпат по 93 години.

 
- Училиштето доби обновена зграда, одлични услови за работа што ќе бидат стимул за талентираните ученици, рече Ристески.
 
Директорот на училиштето Игор Николоски додаде дека се направија големи зафати. - Проектот опфати комплетна промена на три нови плочи, на целата електрична инсталација и внатрешната столарија, како и реконструкција на скалилата. Со него се реши еден децениски проблем кој го имаа учениците и наставниците, истакна Николоски.
 
Во периодот додека се вршеа зафатите, два месеца наставата се изведуваше во други училишта и простории. Но, од денеска, напомена Николоски, наставата продолжува тука, непречено и поквалитетно.
 
За потребите на училиштете, неодамна беше набавено и концертно пијано, инвестиција вредна 1,2 милиона денари, а парите беа обезбедени од локалната самоуправа и од донатори.
 
Во „Ордан Михајлоски Оцка“ настава посетуваат 410 ученици.