Мицкоски најавува справување со корупцијата во правосудството од понеделник
Премиерот Мицкоски најавува жестока борба против криминалците, но и обвинителите кои наместо да отвораат истраги, отвораат боледувања.
Вели дека власта има план кој почнува да го спроведува од понеделник
Имаме план, од понеделник почнуваме со имплементација на планот. Доволно беше чекање, чекавме, дадовме шанса, доволно беше. Очигледно дека прежестоки се нападите наеднаш на дијареја, грчеви во цревата, главоболка, температура, анксиозност итн. кога ќе треба да се потпише последниот указ за да се спроведе правдата кај поедини обвинители, за жал, изјави Мицкоски.
Мицкоски вели дека овие акции нема да бидат естрадни, но нема да биде поштеден никој кој го прекршил законот. Сепак не даде конкретен одговор на прашањето дали и натаму останува на предизборните ветувања за распуштање на Судскиот и Советот на јавни обвинители како дел од напорите за реформирање на правосудниот систем. Најави кој наидоа на остри реакции и од правната фела и од меѓународната заедница.
Мислам дека имате претстава дека не функционираме како естрада и сигурно дека нема јас сега да кажувам како што тоа во минатото се случуваше пред камери или пред медиуми и да носам специјални полициски единици, да понижувам луѓе, индивидуи итн, вели Мицкоски
Мицкоски изминатиот период повеќепати посочи дека е разочаран од однесувањето на поедини обвинители кои го попречуваат спроведувањето на правдата. Сепак, единствен случај засега останува приведувањето на Врховниот судија Наќе Георгиев, кој беше фатен со мито од 10 000 евра.
-
Деспина Тодоровска
Сите содржини од овој новинар