Боре Видевски негира дека е вмешан во убиствата на Вања и Панче
Боре Видевски кој е обвинет за убиствата на Вања и Панче, негираше дека учествувал во грабнувањето и нивната ликвидација. Иако на претходните судења, тој беше посочен дека ги совладал жртвите, на денешното судење, одговарајќи на прашања од неговиот адвокат, рече дека не бил на местата од каде се грабнати а потоа убиени Вања и Панче.
За снимките од домот на Велибор Манев за кои обвинителството тврди дека се гледала подготовката за грабнувањето на Панче а ги покажуваат сите четворица обвинети, рече дека бил собир за договор за заштита на името на црквата.
„Имаше стравување дека Охридската Архиепископија ќе се смени во Црква на Северна Македонија. Требало да се соберат 150 илјади потписи и да се организира литија која би почнала од Велес. Тоа што сте го гледале на камерите е една таква подготовка”, одговори Боре Видевски.
Вечерта пред да биде грабната Вања рече дека бил во седиштето на партијата, таму и преноќил, a се разбудил некаде пред 10 часот, период кога според обвинението, сите се веќе вратени во седиштето на партијата Десна.
Видевски не откри каде е пиштолот кој што го поседувал. Рече го преместил ама не може да сети каде.
„Штом не е најден во мојот дом, значи не е таму, но, тоа не значи дека сум направил нешто лошо“, рече Видевски.
Пред судот, Видевски тврдеше дека по приведувањето бил постојано тепан, а тоа и било причина да каже дека е соучесник, и како што рече потпишал изјава дека е виновен.
-
Зоран Јаневски
Сите содржини од овој новинар