130 психолози работат со ученици и возрасни за надминување на колективната траума
Сто и триест психолози се на располагање за психолошка поддршка на учениците и студентите во општините во Истокот каде што има починати и повредени кои се наоѓаат на лекување во земјава и странство. Психолозите работат на терен и преку телефонски јавувања. Министерката за образование и наука, денеска го посети средното медицинско училиште во Штип, каде во едно одделение има тројца починати, а неколку ученици се повредени.
-МОН во координација со комората на психолози, Институтот за психологија, УНИЦЕФ и Црвениот Крст организира присуство на психолози во кризните подрачја. На УГД, исто така има отворено центар за советување на млади, всушност збирно место на психолози, каде тие се среќаваат, прават план и продолжуваат да работат низ градот, а секако и таму индивидуално да работат. – изјави Весна Јаневска, министерка за образование и наука.
Болката секој индивидуално ја доживува и во оваа колективна траума со која секој е засегнат, не постои пишано правило за заздравување.
-Имавме неколку фази, коишто поминаа, забележавме дека имавме после шокот и лутина и тоа е нормална емоција. Почнува периодот на тага, не кај сите, повторно ќе кажам, сѐ е индивидуално. Но, ги следиме, од ден на ден се менува состојбата и тука сме за сѐ што доаѓа по ред, па дури и за таквите аксиозни состојби, депресивност и слично – изјави Емилија Бошковска, психолог.
Освен за учениците, психолозите се достапни и за возрасните од неколку општини од каде има жртви и повредени во трагичниот настан во Кочани.
-
Трајан Ристовски
Сите содржини од овој новинар