Македонија
25. May 2017 - 17:37

Битола ќе добие модерен стадион

Градоначалникот на Битола Владимир Талевски и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски денеска извршија увид во реконструкцијата на Градскиот стадион во Битола со што ќе му се зголеми капацитетот на 12.000 гледачи.

- Долги години слушавме барања од страна на навивачите на Пелистер, но и од сите граѓани дека Битола е запоставена во делот на Градскиот стадион. По долго време се направи една финансиска конструкција од две страни, од општината која инвестира 5.400.000 евра во градба на северната трибина, а јужната веќе постои. А ФФМ излезе во пресрет, го направи теренот и инвестираше во негово средување што е направено по највисоки меѓународни стандарди. Се работи за инвестиција од 800.000 евра, рече Груевски.

Најави дека наскоро ќе започне градба на двете трибини зад головите. Планирано е да се завршат до крајот на годината, има обезбедено и осветлување кое ќе стави веднаш штом се овозможат услови затоа што во моментот е раскопано. Груевски додаде дека стадионот ќе може да се користи и за меѓународни натпревари. Северната трибина треба да се доизгради до следната година, а во втората половина од следната година ќе може да се играат меѓународни натпревари.

- Ова ќе дојде како исполнување на едно големо барање на битолчани, потенцира Груевски.

Талевски информира дека е изградена јужната трибина со капацитет од над 4.000 гледачи, а во моментов се гради северната трибина исто така со капацитет од над 4.000 гледачи. Таму ќе бидат сместени соблекувалните, туш кабините, ВИП просторот, простор за медиумите и сите други содржини предвидени според критериумите за меѓународни натпревари.